Наскоро летате со авион? Европските контролори издадоа предупредување: „Ситуацијата е хаотична“


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Патниците кои летово ќе патуваат со авион се предупредени на „предизвувачко“ лето. Еуроконтрол, регулатор на воздушниот простор во Европа, очекува контролата на воздушниот сообраќај да биде преоптоварена во многу европски земји.

Еуроконтрол издаде предупредување на почетокот на шпицот на туристичката сезона. Тие велат дека се очекуваат околу 33.000 дневни летови низ Европа во следните осум недели, што е зголемување за околу 8 отсто во споредба со истиот период минатата година, пренесува Тајмс. Се очекува Британците да остварат повеќе од 25 милиони прекуокеански патувања од сега до септември, главно со авион.

Еуроконтрол најавува „голем метеж“ во сообраќајот во многу важни региони, вклучувајќи ги Ремс и Марсеј во Франција, Атина и Будимпешта. Агенцијата издаде слични предупредувања за Лондон, Барселона, Брисел, Будимпешта, Никозија, Варшава и Загреб во деновите на шпицот на сообраќајот, особено во петок и за време на летните викенди.

„Преоптоварувањето може да резултира со одложувања и пренасочување на авионите кои ќе бидат принудени да летаат на подолги рути за да ги избегнат ограничувањата“, велат од агенцијата.

„Ова лето во Европа е предизвик бидејќи имаме помалку достапен воздушен простор поради војната во Украина и воените потреби… Секој мора да ја игра својата улога. Аеродромите треба да бидат добро екипирани, од витално значење е да се обезбеди доволно капацитет за услугите на воздушниот сообраќај , а авиокомпаниите треба да се држат до своите распореди“, рече Раул Медина, генерален директор на Еуроконтрол.

Пад на бројот на контролори
Дневните прогнози за летови се на пониско ниво од 2019 година, кога на 28 јуни беа забележани 37.228 летови. Сепак, оттогаш, бројот на контролори на летање опадна, делумно поради тешкотиите при регрутирање по пандемијата. Годинава заканата од штрајкови е поголема, предупредува Еуроконтрол.

Вили Волш, шеф на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, минатиот месец изјави дека авиокомпаниите се сериозно загрижени за контролата на воздушниот сообраќај и дека ситуацијата во јуни е „многу полоша од вообичаеното за овој период од годината“.

„Имаме хаотична ситуација кога гледаме речиси секојдневни штрајкови на контролата на летање, што го нарушува сообраќајот не само во Франција туку и низ Европа бидејќи ги принудува авиокомпаниите да ги пренасочуваат рутите кон други земји“, рече тој.

„Големиот предизвик“
Медина им рече на делегатите на Меѓународниот состанок на Советот на аеродроми во Барселона дека зголемената воена активност го намалила расположливиот воздушен простор до 20 проценти. Некои контролни центри се справуваат со многу повеќе сообраќај поради пренасочување на летовите.

„Неодамнешната индустриска акција предизвика многу одложувања“, рече тој. „Можеме да управуваме со овие ситуации во потивки периоди, но ако тоа се случи во средината на летото, тоа ќе биде многу поголем предизвик“, рече тој.

Шефовите на воздухопловството, вклучително и Мајкл О’Лири, извршен директор на Рајанер, изјавија дека серијата напади на контролори во Франција и понатаму е една од најголемите закани за летните воздушни патувања.