Наскоро ќе донесеме одлука за евтината тарифа на струјата: Интервју со Марко Бислимоски

Ние очекуваме тоа да се воведе од 1 јануари, доколку има стабилност со цените на електрична енергија во регионот, вели претседателот на РКЕ


Фото: Б. Грданоски

Откако на крајот на мај годинава беше обелоденето дека дневната евтина тарифа за електрична енергија за домаќинствата ќе се зголеми за уште еден час, граѓаните се во исчекување на ваквата мерка. Сепак, иако Регулаторната комисија за енергетика е пред крај со анализите, одлуката ќе почне да се применува од Нова година, а за тоа има причини.

Ова во разговор за „Независен“ го вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), со забелешка дека загрижува што изминатите неколку месеци берзанските цени на електричната енергија во регионот се далеку повисоки од цените на берзите во Западна Европа и во Скандинавија. Зошто се јавува ваквиот дисбаланс и дали може да влијае врз одлуката за зголемување на дневната евтина тарифа за струјата, се некои од темите во интервјуто со Бислимоски. Инаку, во моментов евтината дневна тарифа е од 13 до 15 часот, а најавите се дека ќе се продолжи до 16 часот.

Исто така, опфатени се и прашањата за инвестициите во енергетиката, особено потребата за големи енергетски капацитети, потоа енергетската транзиција, како ѝ успеа на Македонија да го избегне „затемнувањето“, односно падот на системите во неколку земји во регионот, за сајбер безбедноста и нападот врз преносниот оператор, но и за последиците врз енергетските компании, врз граѓаните и врз целата економија доколку ЕУ почне да наплаќа трошок за ЦО2 емисии.

Господине Бислимоски, до каде е постапката околу најавеното зголемување на времетраењето на евтината дневна тарифа за електричната енергија за домаќинствата од постојните два часа на три часа дневно?

Регулаторната комисија за енергетика е при крај со анализите и овој месец (септември) ќе ги презентираме. Ние правевме повеќе анализи, ги анализиравме цените на електрична енергија на најголемата берза во регионот, унгарската Хупекс (HUPX), како најреферентна. Имајќи предвид дека и нашата берза ги следи тие цени, правевме анализи на цени на електрична енергија во периодот од 10 наутро до 17 часот попладне, како и анализи за периодот од денот кога треба да биде евтината тарифа. Резултатите покажаа дека во просек во текот на повеќе од две години што ги анализиравме, цената на електричната енергија во периодот од 13 до 16 часот е некаде за 70-80 проценти пониска отколку цената во останатиот дел од денот. Тоа се должи пред сѐ на фактот што во регионот има изградено многу фотоволтаични електрани и тоа предизвика во овој период да има енормна понуда, а побарувачката, односно потрошувачката на електрична енергија горе-долу е иста. Има и трендови на намалување, како што е примерот во Македонија, бидејќи покрај тоа што се поставија фотоволтаици кои што се изградија на земја, се поставија голем број фотоволтаици на кровови од страна на компании, но и од домаќинства, така што сето тоа има соодветно влијание.

Она што загрижува во изминатиот период, некаде почнувајќи од јуни, е што во нашиот регион, од Унгарија надолу, односно Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија… секаде каде што има берзи, цената на електричната енергија е далеку повисока отколку цените на електрична енергија во останатиот дел на Европа, односно во Западна Европа и во Скандинавија.

 

На што се должи тоа?

Една работа која што сигурно има влијание се проблемите со задушување на прекуграничните преносни капацитети, што влијае нереално да се зголемува цената на електричната енергија. Односно, настануваат задушувања, а кога има задушувања се прават аукции и цените на тие аукции се невообичаено високи, што понатаму прави притисок на крајната цена. На пример, ако се спореди цената на електричната енергија во Франција, во Германија и во Скандинавија, имало денови цената таму да е педесетина евра за мегават час, а истовремено кај нас на берзите да достигнува и до 180-200 евра. Значи, јас не зборувам за некои мали разлики, туку за повеќе од два пати различни цени.

Ние сметаме дека има простор за воведување уште еден час евтина тарифа, но исто така настојуваме да не направиме дополнително проблеми од аспект на потреба од дополнителен увоз на струја: Марко Бислимоски (Фото: Б. Грданоски)

Дали тоа се однесува и на Македонија?

Да, се однесува и на Македонија. Влијанието на Хупекс берзата како најголема берза на берзите во регионот, како хрватската, српската, црногорската кои сѐ уште се поврзани со таа берза е големо, бидејќи големите трговци од регионот најголемите тргувања ги прават на берзата во Унгарија, а понатаму и на останатите берзи. Но таа цена очигледно дека се уште е како еден вид репер во целиот регион.

Во хрватските медиуми летово поскапувањето на берзанската цена на струјата го поврзуваа со зголемената потрошувачка поради екстремно високите температури. Дали и тоа влијаеше на состојбите на берзите?

Апсолутно, имаше екстремно високи температури и во Шпанија и во Италија, но таму немаше толку високи цени. Инаку во Македонија од јули, кога се зголемија температурите, имаме сериозно зголемена потрошувачка на електрична енергија и ако порано односот помеѓу потрошувачка на електрична енергија во зима била 80-тина проценти повисока од летото, односно се повлекувале околу 400-500 мегавати повеќе, сега во најударните денови сме доближени на нешто помалку од 100 мегавати со најударниот ден во зимскиот период. Значи, и во Македонија имаме екстремно висока потрошувачка. Тоа се случи и во Србија каде што во најтоплите денови потрошувачката беше иста како и во зимскиот период, во Хрватска имаше такви денови, во Македонија веќе се приближува, исто така и во Црна Гора има такви случувања.

Колку оваа зголемена потрошувачка на електрична енергија кај нас влијае на зголемување на увозот на електрична енергија или ефектот од фотоволтаиците сепак се покажува?

Увоз на електрична енергија се прави и во тие периоди, но факт е дека ефектот од фотоволтаиците се гледа и тие помагаат во определени периоди да не увезуваме струја, таа ја има во Македонија. Производителите на електрична енергија од фотоволтаици склучуваат договори со трговците и со снабдувачите од Македонија, така да не се даваат пари и за прекугранични преносни капацитети.

 

Да се вратиме на евтината тарифа. Кога може граѓаните да очекуват дека ќе се зголеми периодот за еден час на дневната евтина тарифа?

Ние очекуваме тоа да се воведе од 1 јануари, доколку има стабилност со цените на електрична енергија во регионот. Овие денови (крајот на август, заб.) има екстремно високи цени, конкретно цената е околу 160 евра за мегават час што е високо, а во 21 часот цената е 530 евра за мегават час. Тоа се исклучително високи цени. Ние сметаме дека апсолутно има простор за воведување уште еден час евтина тарифа, но исто така настојуваме да не направиме дополнително проблеми од аспект на потреба во зимските месеци и од дополнителен увоз за потребите на домаќинствата. Значи ги следиме состојбите.

 

Кои берзански цени на електричната енергија би биле пожелни, односно би овозможиле зголемување на периодот за евтина дневна тарифа за струјата за домаќинствата?

Ние се надеваме да има стабилизација на цените, а тоа го покажуваат и фјучерсите за четвртиот квартал годинава и за првиот квартал 2025 година. Во зависност од тргувањата тие се некаде од 90 до 110 евра за мегаватчас. Тие се добри цени, коректни цени, така што тоа ќе може да се очекува. Целта на одлуката за евтината тарифа е да ги натераме компаниите кои што ги снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи кои што останале на регулираниот пазар, односно ЕВН Хоум и ЕСМ, сега во услови кога ЕСМ обезбедува 100 отсто од потребите на ЕВН хоум, да купуваат електрична енергија кога е таа најевтина, односно во текот на денот. За сметка на тоа, да не се троши хидроенергија, да се внимава како се работи со термоелектраните во тие периоди, да не работат во одредени периоди како што се очекува во септември и во октомври и да се намалат трошоците за јаглен. Значи целта е да испратиме сигнал да се купува електрична енергија, да се тргува од тие кои што се одговорни да ги обезбедат домаќинствата, а тоа се ЕСМ и ЕВН Хоум во периодите кога е таа најевтина.

 

Зошто одлуката не може да се донесе порано? Зошто мора да се чека до јануари?

Многу е поедноставно кога ќе го направиме тоа од аспект на календарска година и од аспект на носење на цени на електрична енергија. Со последната одлука веќе кажавме дека пресметките се правени со два часа евтина тарифа во текот на денот. Доколку се промени, тоа би значело дека ќе се намалат и приходите и тоа создава понатаму проблеми, односно воведување на непотребни фактори на корекција кои што се влечат низ годините и имаме проблем понатаму.

Ако се спореди цената на електричната енергија во Франција, во Германија и во Скандинавија, имало денови цената таму да е педесетина евра за мегават час, а истовремено кај нас на берзите да достигнува и до 180-200 евра, вели Бислимоски (Фото: Б. Грданоски)

Дали зголемувањето на времетраењето на евтината тарифа ќе „повлече“ и промени во блоковите на потрочувачка на електрична енергија и во цените на блоковите?

Тоа нема да влијае врз цените во блоковите, но кога ќе ја воведеме новата евтина тарифа уште еднаш ќе ги анализираме блоковите, односно големината на блоковите. Тие засега покажуваат добри резултати, а каква ќе биде цената на електричната енергија ќе зависи од тендерот кој што ќе го распише ЕВН хоум за следната 2025 година, за да ги обезбеди потребите на домаќинствата и на малите потрошувачи.

Ситуацијата сѐ уште не е најсоодветна, бидејќи летово има и повисоки цени, но веќе гледаме дека нема потреба малите потрошувачи да бидат снабдувани од ЕВН хоум кога на пазарот има далеку пониски цени, некаде за 30 до 40 проценти. Ние токму тоа го направивме со нашата последна одлука. Сите наши одлуки за електрична енергија и за топлинска енергија се со цени со кои што се враќаме во нормала. Со топлинската енергија кажавме дека, иако одлуката е на владата, реално нема потреба повеќе од субвенции кога ги имаме овие цени на гас, околу 40 евра за мегаватчас. Сме издржале и во периоди кога биле и 400 евра, 500 евра или 1.000 евра за мегаватчас цените на природниот гас и едноставно веќе нема потреба од субвенции. Дури и со тргањето на субвенциите успеавме да ја намалиме цената за топлинска енергија за повеќе од три проценти. Истото го направивме и во делот на електричната енергија, малите потрошувачи што плаќаа индустриска струја никогаш немале евтина тарифа. Таа евтина тарифа ја воведовме во услови на криза, сега се враќаме во нормала. Но, малите потрошувачи во овој момент имаат понуда на слободниот пазар за цена на електрична енергија 30 до 40 проценти пониска отколку таа што е на регулираниот пазар. Не може да очекуваме ЕСМ да покрива и натаму сѐ. И ЕСМ по кризава треба да го застанеме на здрави нозе. Во крајна линија тие мали потрошувачи може да ја купуваат електричната енергија и од ЕСМ по цена која што ќе биде по 130- 140 евра и далеку од пониска од таа на регулираниот пазар.

 

Од каде тогаш забелешките дека десетици илјади правни субјекти, односно микро и мали претпријатија плаќаат повисока цена за струјата?

Точно е дека со одлуката се зголеми цената за малите потрошувачи, за околу 10 проценти, со тоа што евтината тарифа што ја имаше во текот на ноќта е тргната. Повеќе нема потреба поради тоа што никогаш и ја немале. Ја воведовме во услови на криза. Но, го направивме тоа затоа што имаат понуда на пазарот што е далеку пониска, за 30 до 40 проценти од тоа што е на регулираниот пазар. Ако се потрудат, а според информациите што ги имам, снабдувачите со електрична енергија се многу активни на терен, доставуваат понуди до мали дуќанчиња, до бурекџилници…, така што не мора да бидат снабдувани од ЕВН хоум. Инаку, одлуката не е нова.

 

Спомнавте задушување на преносните системи. Што всушност значи тоа? И дали тоа беше причина за падот на електросистемите летово во неколку земји во регионот?

Секоја земја во регионот е поврзана со друга земја. Македонија е поврзана со Србија и тој капацитет е ограничен. Тој капацитет се дава на аукција за да може да го земат трговци за да купат и да продаваат енергија во Македонија, или да транзитираат низ Македонија за Грција.  Правилото е „no congessement – no payment“, односно доколку нема задушувања, не се плаќа ништо. Но, капацитетите во нашиот регион се такви какви што биле порано. Не се изградени многу нови преносни капацитети и поради тоа имаме задушување. И кога има задушување, се плаќа. На тие аукции добива тој што ќе понуди највисока цена. Тој трошок трговецот понатаму го префрла на крајните потрошувачи.

Инаку, тоа што се случи во некои од земјите во регионот е делумно заради неодржување на мрежите, делумно имаше и проблем поради исклучително неочекувано високи температури, тоа ми се чини беше на крајот на јуни и почетокот на јули. Едноставно, испадот на една земја предизвика понатаму домино ефект. Во Црна Гора, па од Црна Гора во делови на Хрватска, во Далмација, делумно и во Босна. Грција успеа да се заштити, значи тука има и технички работи, како ќе изреагира заштитата на конкретен систем во тој период.

Поентата од сето ова е што Македонија не беше погодена бидејќи ние немаме директна интерконекција со Албанија. Започната е да се гради, тоа ќе биде Битола – Елбасан, но таа не е изградена. Ние не сме директно поврзани со Албанија. Излезе дека неизграденото, условно кажано, испадна дека е добро.

Инаку, кога се прави обединување на пазарите, проблемот со задушувањето се решава сам по себе. Затоа што кога, на пример, ќе се поврзат три земји станува збор за еден пазар и проблемот со задушувањето се намалува. Верувам дека во наредниот период и Македонија ќе започне со такво поврзување, односно со т.н. маркет каплинг. Имаме проект со Бугарија, имаме со Грција, со Албанија, со Косово, понатаму сигурно маркет каплинг треба да се направи со Србија и идејата е некаде за пет години цела Европа да биде еден единствен пазар.

Македонија не беше погодена од падот на системите во некои земји во регионот бидејќи ние немаме директна интерконекција со Албанија, вели Бислимоски (Фото: Б. Грданоски)

Значи проблемите со падот на системите се технички, односно не се поврзани со сајбер безбедност или слично?

Овие беа технички. Инаку имаше случаи, како што објавија медиумите и во Македонија, нашиот систем беше нападнат и добро е што заштитата на диспечерскиот центар од аспект на сајбер безбедност, изреагира соодветно. Доколку се нападне диспечерскиот центар, кој што е срцето на функционирањето на преносниот систем, тоа претставува проблем.

Ние во изминатиот период со помош на НАРУК, тоа е здружение на американските регулаторни тела, усвоивме подзаконска регулатива за сајбер безбедност во која ги имплементиравме тие работи што важат за Европа. Сите компании поминаа низ неколку обуки и тоа што можевме да го преземеме, го преземавме. Се разбира, никогаш не може да бидете сигурни дека ќе се заштитите целосно од сајбер напад. Тоа ќе биде сериозен предизвик за наредниот период.

 

Ова покажува дека Македонија, сепак, не спие и дека се преземаат соодветни активности?

Апсолутно, тоа беше преземено на највисоко ниво и нашите преносни оператори во тие моменти постапија по препораките, дистрибутивниот систем оператор ја прекина комуникацијата со преносниот и тн. Станува збор за протоколи за работа кои што не дозволија понатаму да се прелее проблемот, ниту кај ЕСМ, ниту кај Електродистрибуција. Значи, се затвори на едно место. Да, се изгубија податоци, но дел по дел тие податоци мислам дека ги враќаат.

 

Што е со инвестициите во енергетиката? Прилично е инвестирано во фотоволтаици, но отоа е пред сѐ од приватни компании и од домаќинствата. Од друга страна, не успеаја четирите стратешки инвестиции на минатата влада, пропадна тендерот за Чебрен, нема ништо од 415 мегаватна ветерна електрана на германската компанија ВПД, слична е судбината и на инвестицијата на француската компанија Акио Енерџи… 

Факт е дека на Македонија ќе ѝ требаат големи инвестиции, пред сѐ во делот на обезбедувањето на базна енергија. Ние имаме термоелектрани коишто се стари и коишто се одржуваат. Сепак и јагленот како држава почнавме да го увезуваме, се прави микс со домашниот јаглен и тоа сѐ повеќе ќе предизвикува проблеми. За да обезбедиме базна енергија треба да обезбедиме инвестиции. Ние немаме нови наоѓалишта на јаглен. Сметам дека потенцијалот што го имаме треба да го искористиме, ние не сме земја со неограничени енергетски ресурси па да кажеме дка нема да го користиме јагленот. Значи, тоа што го имаме треба да го искористиме, но периодот на замена мора да започне час поскоро.
Тоа значи изградба на когенеративни постројки кои што ќе произведуваат и електрична енергија и топлинска енерегија. Очигледно е дека во Скопје има потенцијал за тоа. Исто така треба да се видат и други градови во Македонија каде што има потенцијал. Понатаму нам ќе ни треба Чебрен, целиот тој проект. Тој проект ни треба и од аспект на обезбедување на енергија, тоа ќе биде еден огромен базен односно една огромна батерија. Покрај тоа, ќе бидат потребни и инвестициите кои што се најавуваат. Македонија има потенцијал и за ветер и за фотоволтаици. Капацитетите на електропреносната мрежа имаат потенцијал да примат уште одреден број инвестиции. Во моментов е околу 2 илјади мегавати кои што може да ги прими нашата преносна мрежа. За да прими повеќе треба да се зголеми капацитетот.
Инвестициите може да бидат приватни, може да ги прави и државата. Но, кога ќе се прават приватните инвестиции, приватниот инвеститор треба да каже дали сака гарантирана цена или ќе сака да преземе ризик и да продава на пазар на електрична енергија. Тоа се работи кои што ќе зависат од инвеститорите. Претходните сакаа да добијат одредена гарантирана цена по која ЕСМ би ја откупувало електричната енергија.

 

Новата влада најави странска инвестиција во ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш, исто така проектот Чебрен е повторно на маса за што ќе се прави проценка дали ќе се гради со сопствени сили или како јавно приватно партнерство. Што мислите за овие најави?

Чебрен е проект кој што е исклучително скап. Ако го прави државата, треба да се види како би се обезбедиле тие пари, не е проблем да го гради државата, но треба да има јасен план. Државата кога ќе го прави ќе распишува тендери, таков ни е законот за јавни набавки, на кој што ќе се јавуваат градежни компании. Верувам дека ќе им се даде можност и на македонски компании, но и на странски компании. Сето тоа треба да се земе предвид кога ќе се носи одлуката за Чебрен. Инаку, како проект е исклучително скап, но со порастот на цените на електричната енергија во последните неколку години оправданоста на овој проект се зголемува сѐ повеќе. Дополнително, од аспект на водата која што ќе се собере во акумулацијата, тоа ќе помогне уште повеќе, но при тоа треба да се знае дека издашноста на водата која што е во тој регион и во Македонија, сѐ повеќе се намалува. Тоа се факти. Ние и заради тоа се обидуваме да ја подигнеме свеста кога кажуваме дека во водоводните системи има 63 отсто загуби на вода. Не смееме да си дозволиме луксуз да губиме 63 проценти од водата за пиење, некаде по некои цевки. Тоа во најголем се должи на лоша инфраструктура, значи таа треба да се заменува за да ги намалиме загубите.

Проектот Чебрен е исклучително скап, но со порастот на цените на електричната енергија оправданоста се зголемува се повеќе: Марко Бислимоски (Фото: Б. Грданоски)

Но, водостопанските претпријатија ќе кажат дека за такво нешто се неопходни повисоки цени за услугите, а повиски цени значи непопуларен потег за граѓаните.

Кога зборуваме дека треба да се зголеми цената, трошокот на вода за граѓаните, зборуваме да се зголеми за 30, 40 или 50 денари на месечно ниво. Мислам дека 50 денари не е проблем за домаќинствата во државата, а за оние најранливите, ако е проблем, тоа може да го покрие државата. А тие пари ќе значат многу за водоводните претпријатија и особено за водостопанското претпријатие.

 

Да се вратиме на енергетиката, летото полека одминува, не знаеме каква зима нѐ очекува, располагаме со старите капацитети, нема ништо ново значајно. Од друга страна, постојано слушаме за испади во РЕК „Битола“. Може ли да бидеме спокојни и да очекуваме безбедност во снабдувањето со електрична енергија оваа зима?

Безбедноста мора да се обезбеди, немаме друга алтернатива. Верувам дека и ЕСМ ќе ги направи сите подготовки за зимскиот период термоелектраните да бидат во кондиција. Тоа што се знае како факт е дека квалитетот на јагленот кој што е во Македонија е понизок од оној во најдобрите денови на РЕК „Битола“. Блоковите во комбинатот де факто во моментов во најдобри услови даваат некаде по 150-160 мегавати од вкупен инсталиран капацитет од 233 мегавати. Така што де факто работи со два блока во целосна снага, дури и кога се во функција трите блока. Тука има влијание и квалитетот на јагленот.

Се покажа дека во критични услови тука е и ТЕЦ „Неготино“. Сепак, периодот на замена треба да го започнеме час поскоро и да го реализираме. Неспорно е дека додека го има јагленот тој треба да се користи во РЕК „Битола“. Но, она што ѝ се заканува на Македонија како сериозен проблем е трошокот за ЦО2 емисии. Има навестувања дека ќе почне да се применува од 1 јануари 2026 година, што ќе направи сериозен проблем за нашите термокапацитети, и на компаниите. Дали тоа ќе биде преку цената или ќе ни воведат некоја давачка, тоа не се знае. Но, јас мислам дека за Македонија е прерано да влезе од 1 јануари 2026 година. Треба да се избориме да ни дадат простор да ја пролонгираме примената. Тоа веќе два пати го направивме, за 2024 и за 2025 година, но потребен е нов термин за да ни се даде простор бидејќи тоа ќе биде сериозен проблем. Тоа значи нови трошоци. Во Европа на пример на секој произведен мегаватчас се додаваат уште 60-70-80 евра за тие ЦО2 емисии.

 

Во такви околности за колку би поскапела струјата?

Производната цена на ЕСМ сега е 90 евра за мегават час, а ако се воведе таа давачка од 70 евра, би била 160 евра за мегаватчас што е проблем. Сега не само во Македонија туку и во другите земји од регионот производството речиси целосно е базирано на јаглен, во Косово, во Србија, во Босна исто така има големи термоелектрани, во Црна Гора е Плевља, така да треба да имаат разбирање за овој регион и за потребите. Апсолутно нема бегање од зелената транзиција. Ние во Македонија реално и ја спроведуваме. За две ипол години имаме повеќе од 800 мегавати обновливи извори, мислам дека се 830-840, така да тоа го правиме, но не може да се очекува дека ќе се направи толку брзо.