Насилни протести во Франција низ фотографии: Судири, палежи и повредени полицајци


Протести против пензиските реформи (Фото: EPA-EFE)

Продолжија протестите во Париз и другите француски градови поради законот за зголемување на старосната граница за пензионирање за две години, од 62 на 64 години. Вечерва имаше и сериозни судири во кои беа повредени десетици полицајци.

Судири меѓу демонстрантите и полицијата беа пријавени во четвртокот во градовите низ Франција, вклучително и Нант и Рен.

Протести против пензиските реформи (Фото: EPA-EFE)

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 570.000 луѓе денеска протестирале против пензиската реформа, за разлика од  740.000 демонстранти кои се собраа на 28 март.

Земјата очекува одлука за уставноста на законот следната недела. Уставниот совет на 14 април ќе донесе одлука за реформите и има овластување да укине еден дел или сите.

Немирите, заедно со штрајкот, предизвикаа прекини низ Франција.

Протести против пензиските реформи (Фото: EPA-EFE)

Во Париз, демонстрантите фрлаа камења, шишиња и боја врз полицијата во „Ла Ротонд“ – познато кафуле кое го  посетувале познати личности, меѓу кои и шпанскиот уметник Пабло Пикасо. Макрон и неговиот тим таму ја прославија изборната победа во 2017 година.
Еден полицаец накратко изгубил свест откако бил погоден од камен.

Протести против пензиските реформи (Фото: EPA-EFE)

Во западниот град Рен, демонстрантите извикуваа „Штрајк, блокада, Макрон оди си!“, а полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои фрлаа разни предмети кон полицијата и запалија корпи за отпадоци.

Полицијата соопшти дека на протестите во Париз се приведени 31 лице, а повредени се 77 полицајци, од кои 13 се пренесени во болница.

Новинарите кои работат за Фигаро објавија дека некои полицајци употребиле прекумерна сила.
Градот Нант на западот на земјата денеска беше место на жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што беа приведени најмалку 23 лица. Според полицијата, на протестите таму се приклучиле 15.000 луѓе, а синдикатите ја проценуваат бројката на 50.000.