„Нашите синови беа испратени во Украина како топовско месо“: гневни мајки на руските војници го обвинуваат Кремљ дека лаже

Жестока реакција на руски мајки откако гувернерот на регионот Кузбас во Сибир невнимателно признал дека младите војници биле испратени неподготвени на фронтот во Украина


Гувернерот на Кузбас кој призна дека војниците биле испратени неподготвени на фронтот

 

Мајките на руските војници испратени во Украина го обвинија Кремљ дека ги користи нивните синови како топовско месо, откако на регионалниот гувернер му се испушти дека војниците биле испратени неподготвени за битка, пишува „Дејли мејл“.

Се појави видео од моментот кога Сергеј Цивиев, гувернерот на регионот Кузбас во Сибир, случајно им открил на еден куп гневни мајки дека нивните синови биле испратени на фронтот да умрат.

На состанокот одржан во простор сличен на училишна спортска сала, Цивилев им објасни на насобраните дека нивните синови се борат во Украина, кога ја изговори реченицата: „Тие беа употребени…“

По момент на тишина и зачуденост, жените почнаа да викаат: „Дали се искористени?! Ги искористија нашите деца?!“

Пелтечејќи, Цивилев се обиде да објасни и да се извлече од непријатната ситуација велејќи им на насобраната толпа „не можете да донесете никакви заклучоци“ или да ја критикувате „воената операција“ што е во тек, но мајките почнаа да викаат.

Видеото е објавено во време кога руските загуби во Украина продолжуваат да растат и сега се во илјадници по единаесет дена жестоки борби, а копнените сили на Кремљ во голема мера се запрени поради одбраната на Украина.

Во меѓувреме, неколку видеа кои кружат на социјалните мрежи покажуваат заробени руски војници, од кои многу се екстремно млади, кои велат дека не знаеле дека ги праќаат во војна.

Претходно на состанокот, мајките на војниците го повикале Цивилев да одговори, откако тој им рекол дека не може да коментира за „воената операција“ што е во тек.

„Сите бевме измамени, сите бевме измамени. Ги испратија таму како топовско месо“, извика една жена.

„Тие се млади. Беа целосно неподготвени!’

Видеото завршува со тоа што регионалниот гувернер се обидува да ги смири гневните мајки кажувајќи им дека операцијата наскоро ќе заврши.

Но, брзо пристигнува бесен излив на жена, која вика: „Кога сите ќе бидат убиени!“

Иако руските медиуми се силно цензурирани и контролирани од државата, руските мајки почнуваат да учат за она што го прават нивните синови во соседната земја – и се принудени да се соочат со реалноста дека многу од нив можеби никогаш нема да се вратат дома.

Заробен руски војник плаче над сликите на деструкцијата на војната и вели: „Тие дури не ги собираат телата, нема ни погреби“

Комитетот на воените мајки на Русија (ЦСМР) – невладина организација основана во 1989 година за да ги открие прекршувањата на човековите права во тогашната советска армија – контактираше со жени за да им даде информации за состојбата на нивните синови.

Во Украина, во меѓувреме, властите почнаа да одржуваат интервјуа и прес-конференции со заробените руски војници, а Министерството за одбрана апелираше до руските мајки да дојдат во Киев за да ги земат своите деца.

Иако некои руски воени заробеници беа изложени на жестоки испрашувања и сурово постапување, многумина беа подложни на хуман третман, добиваа топла храна и пијалаци, па дури и им беше дозволено да ги повикаат своите семејства.

Неколку војници беа снимени како им кажуваат на своите родители во Русија дека не знаат дека ги праќаат во војна и ги молат членовите на семејството да ја шират вистината за инвазијата.

Иако сè повеќе делови на руската јавност ја откриваат вистинската природа на таканаречената „специјална воена операција“ на Путин преку границата, сите оние кои не се согласуваат со воената акција се соочуваат со суровоста на руската влада.

Повеќе од 3.500 луѓе во градовите низ Русија се приведени во неделата поради учество во антивоени протести, помалку од две недели откако руските војници ја преминаа границата.

Сликите од најголемите градови во Русија, Москва и Санкт Петербург, покажуваат како полицајци ги растеруваат насобраните.

И покрај официјалното задушување на демонстрациите и демонстрантите кои се соочуваат со затворски казни, протестите се одржуваат секојдневно по инвазијата.