Нашите функционери ќе патуваат во странство, ама нема да се поздравуваат

Владата ја објави интегрално уредбата со која се обезбедува патување на нашите функционери во странство без обврска кога ќе се вратат назад да останат во тринеделен карантин, како што е предвидено за другите граѓани. Во неа стои:
ПОСТАПКИ ПРЕД И ЗА ВРЕМЕ НА ПАТУВАЊЕ

Лицата избрани носители на јавни функции, вработени во Владата на Република Северна Македонија и министерствата, државјани на Република Северна Македонија при излегување од државата поради итни неодложни државни интереси (работни обврски од државен интерес) задолжително потпишуваат изјава при излез од државата за доследно придржување кон пропишаните основни превентивни мерки за:
• Носење на заштитна маска со избегнување на допирање на лицето (очи, нос, уста) со рацете;
• Често миење на раце или дезинфекција на раце за време на престојот надвор од државата;
• Одржување на физичко дистанцирање од 1,5 – 2 метри и намалување на физички контакти (се забранува поздравување со раце).
• Се препорачува да не се користи јавен превоз и такси во местото на боравок.

ПОСТАПКИ ПО ВРАЌАЊЕ ОД ПАТУВАЊЕ

Лицата при враќање во земјата спроведуваат одредени превентивни мерки во период од 14 дена од денот на влегувањето во државата за кој период се препорачува:
• Не е потребно спроведување на тестирање за КОВИД-19;
• Носење заштитна маска во затворен простор, а доколку се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице маска не е задолжителна со внимателно избегнување на допирање на лицето со рацете ;
• Да се ограничат на минимум личните и професионални контакти со други лица од нивната околина и надвор од неа;
• При евентуален контакт  со други лица задолжително е носење на заштитна маска.
• Должни да се придржуваат кон упатствата за намалување на ризикот од пренесување на инфекцијата;
• Често миење на рацете или нивна дезинфекција
• Избегнување физички контакт и одржување на дистанца од најмалку 1,5 – 2,0 m при контакт лице-в-лице.

Препорака:

Мерење на телесна температурата наутро, и доколку е поголема од 37,2 ° C или ако лицето има симптоми (треска, отежнато дишење, сува надразнителна кашлица) го контактира телефонски својот матичен лекар или ја известува  регионалната епидемиолошка служба (на постоечките телефони за контакт на ИЈЗ и ЦЈЗ) кои ќе одлучат за понатамошниот третман.

Доколку состојбата бара итна хоспитализација  се повикува итна медицинска помош или со сопствено возило во придружба на еден член на семејството ја посетува најблиската КОВИД болница, со претходна најава по телефон