Нашинците во Кина апелираат Владата и МНР да им испратат мобилна станица за пасоши


Нашинците во Кина апелираа денеска Владата и МНР да испратат мобилна станица за поднесување барања за пасоши во амбасадата на Република Северна Македонија во Пекинг бидејќи многумина се соочуваат со измината важност на документите, а ппради пандемијата со КОВИД-19, нивното доаѓање во земјава е крајно комплицирано.  

Од македонската заедница во Кина информираат дека во Кина работат и студираат поголем број македонски државјани. За жал, поголемиот број од нив се соочени со истек на рокот за важност на пасошите, поради што и потребата за вадење на нови.

Во дописот до медиумите тие објаснуваат дека редовна постапка за поднесување на барања за пасоши и издавање на изготвени пасоши на македонските државјани, преку македонските амбасади и конзулати во странство, се реализира исклучиво со мобилна станица, а во согласност со Владиниот акционен план за 2020 година.

„Во Акциониот план на Македонската Влада за периодот јануари-декември 2020 година, за прием на барања и издавање на пасоши преку македонските амбасади и конзулати, опфатени се само градовите: Мелбурн, Канбера, Чикаго, Њујорк, Детроит, Торонто, Берлин, Бон, Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и Љубљана“, велат тие.

Амбасадата во Пекинг не е опфатена во Акциониот план на Владата и ги упатува македонските државјани во Кина да отпатуваат во Македонија и таму да извадат пасош.

„На тој начин, Македонците кои работат и студираат во Кина, ставени се во крајно незавидна положба и соочени со огромен финансиски трошок што ќе ги чини губење на работните места, разделба со семејствата како и прекин на студиите, поради неизвесноста од враќање назад заради мерките од пандемијата со корона вирусот“, од македонската заедница во Кина. 

Тие додаваат дека ја разбираат немоќта на македонската амбасада во Пекинг да излезе во пресрет на барањата на Македонците во Кина, и затоа апелираат до македонското МНР во Акциониот план за распоред на мобилните екипи на визниот центар за поднесување на барања за пасоши и издавање на изготвени пасоши на македонските државјани за 2021 година, Пекинг да биде утврден во месец јануари 2021 година, поради ургентноста од потребата за нови пасоши за Македонците во Кина.

Исто така бараат Владата да овозможи македонските државјани во странство кои не можат да се вратат дома по нов пасош на време, поради пандемијата со корона вирусот, поднесувањето на барањето за пасош и издавањето на пасошот да се врши со полномошно на член од нивното семејство во Македонија.