НАСА планира да ја сруши Меѓународната вселенска станица во Тихиот Океан


НАСА има намера да ја одржи во функција Меѓународната вселенска станица (ИСС) до крајот на 2030 година, по што планира да ја сруши во зафрлен дел од Тихиот Океан познат како Поинт Немо.

Работата на склопување на станицата во вселената започнала во 1998 година, а од 2000 година таму престојуваат астронаути и спроведуваат научни истражувања. Досега, повеќе од 200 астронаути од 19 различни земји престојувале на ИСС. НАСА најави дека ИСС ќе ја замени со комерцијални вселенски станици во кои со меѓународна соработка ќе продолжат научните студии.

„Приватниот сектор, со помош на НАСА, е технички и финансиски способен да развива и управува со комерцијални дестинации во ниската орбита. Со нетрпение очекуваме да го споделиме нашето оперативно искуство со приватниот сектор за да му помогнеме да развие безбедни и сигурни објекти во вселената“, рече Фил Мекалистер од НАСА.

Гробишта на всленски летала

Во извештајот за транзиција на Меѓународната вселенска станица, НАСА наведува дека планира да го урне ИСС во оддалечена област на Тихиот Океан, позната како Поинт Немо, и дека тоа најверојатно ќе се случи во јануари 2031 година, пишува Си-ен-ен.

Поинт Немо, област именувана по капетанот на подморницата од романот на Жил Верн Дваесет илјади милји под морето, е место во океанот најоддалечено од копното и кое и претходно служело како еден вид гробишта за вселенски летала. Се проценува дека државите со активна вселенска програма, како што се САД, Русија, Јапонија и европските земји, таму срушиле повеќе од 263 парчиња вселенски отпад од 1971 година.

Во извештајот се наведува дека ИСС ќе ги изврши сите неопходни маневри за да обезбеди „безбеден влез во атмосферата“.

Петта состојба на материјата

Вселенската станица била дом на многу научни откритија. На пример, астронаутот на НАСА Кејт Рубинс секвенционираше ДНК за прв пат во вселената во 2016 година, а во 2018 година во станицата е произведена петтата состојба на материјата – Бозе-Ајнштајнов кондензат. Астронаутите на ИСС научија да одгледуваат зелена салата, ротквици и чили.

Кина минатата година лансираше прв модул на своја вселенска станица. Иако не е толку голема како ИСС, кинеската вселенска станица се очекува да биде целосно оперативна до крајот на оваа година. Русија изјави дека ќе го напушти проектот ИСС во 2025 година и дека планира да изгради своја вселенска станица, која би можела да биде лансирана во 2030 година.