Народниот правобранител не може да си плати ни кирија


Народниот правобранител има проблеми и со плаќањето на киријата поради недостиг на средства, посочува Фатон Селами. Институцијата постојано губи кадри, а Министерството за финансии, според него, досега ги одбивало барањата за нови вработувања.

„Имаме проблеми и со плаќањето на киријата“, вели Селами.

Тој се надева дека дополнителни пари ќе се обезбедат со претстојниот ребаланс на буџетот или со одлука на Владата.

Во меѓувреме, со предложените измени на Законот за народниот правобранител се предвидува поголема финансиска, функционална и организациска независност. Доколку институцијата и Министерството за финансии не се согласат за буџетот, конечната одлука би ја донело Собранието.

Според Селами, законските измени се услов за поднесување барање за акредитација со статус А, додека Македонија моментално има статус Б.

Се предлага и можност за формирање совет за заштита на човековите права, со претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор.