Народната банка на Србија ја зголеми основната камата десетти пат по ред, наскоро повисоки рати за кредитите


Народната банка на Србија ја зголеми основната камата десетти пат по ред, за 25 базични поени, на ниво од 5,25 отсто, а наскоро се очекуваат и повисоки рати за кредитите.

Тоа практично значи дека, како и досега, за граѓаните ќе поскапат ратите од кредитите во наведениот износ од 0,25 отсто. Овој пораст на каматите главно се однесува на готовинските кредити, како и на мал број станбени кредити кои некои банки ги даваат во динари, пишуваат медиумите во Србија.

Како што посочуваат од НБС, продолжува со заострувањето на монетарните услови и ќе влијае на ограничување на секундарните ефекти од трошковните притисоци врз растот на цените преку инфлаторните очекувања.

„Ова придонесува инфлацијата во Србија да е на надолна патека и да се врати на границите на дозволеното отстапување од целта до крајот на проекцискиот период. Денешното зголемување на референтната каматна стапка претставува нејзино десетто последователно зголемување (почнувајќи од април 2022 година), при што таа беше зголемена за вкупно 425 базични поени. Преносот на претходното зголемување на референтната каматна стапка на каматните стапки на пазарот на пари, кредити и штедење укажува на ефективноста на механизмот за пренос на монетарната политика преку каматниот канал“, пишува НБС.

„Истовремено, со одржувањето на релативната стабилност на курсот на динарот во однос на еврото, Народната банка на Србија значително придонесува за ограничување на прелевачките ефекти од растот на увозните цени врз домашните цени, како и на макроекономската стабилност во услови на зголемена глобална неизвесност“, се наведува во соопштението.

Извршниот одбор, како што се наведува во соопштението, имал предвид дека трендот на инфлација во Србија и натаму е под големо влијание на светската енергетска криза, се уште присутните последици од пандемијата, како и сушата што го зафати регионот.

Просечната годишна инфлација во 2022 година изнесува 11,9 отсто, а според прелиминарните проценки на Републичкиот завод за статистика, инфлацијата на годишна основа во декември, како и во претходниот месец, е на ниво од 15,1 отсто.

Вкупната инфлација ќе остане покачена на почетокот на оваа година, пред се поради најавеното поскапување на струјата и бензинот, но потоа ќе биде во надолна патека, со значителен пад во втората половина на 2023 година и враќање на целта до крајот на периодот на проекција.

Следната седница на Извршниот одбор на која ќе се донесе одлука за референтната каматна стапка ќе се одржи на 9 февруари 2023 година.