Народната банка контра Костовски: Нема да дозволиме банка да работи спротивно на закон


Фото: Б. Грданоски

Народната банка денес ги отфрли како целосно неточни тврдењата на Трифун Костовски, еден од сопствениците на Еуростандард банка која сега е во стечај, кој вчера во емисијата „Студио 10“ на ТВ24 ја обвини централната банка дека не ги искористила сите алатки за стабилизација на банката и за свесно носење на банката во стечај. Притоа Костовски изнесе и серија други обвинувања на адреса на Народната банка.

Народната банка ги отфрла како целосно неточни обвинувањата и инсинуациите на еден од доминантните сопственици на Еуростандард банка АД Скопје – сега во стечај, упатени кон Народната банка и нејзиното раководство“, се вели во реакцијата на НБ.

 Од таму нагласуваат дека Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите, кои подеднакво важат за сите.

„Kако регулатор и супервизор на банкарскиот систем не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на закон со тоа доведувајќи ја во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Секоја слаба алка во системот мора да се санира или доколку тоа не е можно мора да се отстрани од системот за да нема негативни ефекти врз останатиот дел од финансискиот систем“, велат од Народната банка.

Притоа во реакцијата се додава дека со оглед на тоа што сопствениците на Еуростандард банка не ја исполнија својата законска обврска за докaпитализација на Банката, единственото што Народната банка остануваше да го направи за да се заштити билансот на банката од натамошно влошување беше да ја исполни својата законска обврска и да ја укине дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје, и на тој начин да ги стави средствата и имотот на располагање на доверителите.

 „На преземањето на ваквата мерка претходеше интензивната комуникацијата со сопствениците, во која Народната банка постојано укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и  инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи ги јасно последиците од неисполнувањето на нивната законска обврска за санација на Банката со дополнителна уплата на капитал“, велат од НБ

Потсетуваат дека согласно законските надлежности, Народната банка ги има преземено сите соодветни мерки, вклучително и законската обврска за поднесување кривична пријава за предизвикување стечај и штета на доверителите на Еуростандард банка АД Скопје, со предлог за преземање и други мерки за натамошна заштита на интересите на доверителите.

Костовски претходно изјави дека не се плаши од поднесената кривична пријава и дека очекува во текот на судската постапка да се дознае вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка.

Паралелно со ова пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара во Собранието да се одржи надзорна расправа за случајот Еуростандард банка, односно колку биле почитувани законите и кои биле причините за пропаѓањето на банката.

Костовски пак, во допис до медиумите бара целото раководство на Народната банка да поднесе оставка, заради, како што тврди „свесно носење на банката во стечај“, со што биле загрозени десетици илјади правни и физички лица. Според него Народната банка со изјавата дека Еуростандард банка отишла во стечај бидејќи не ја исполнила законската обврска за докапитализација, само потврдила дека не биле искористени сите алатки за стабилизирање на банката, како и дека не прави разлика во поимањето регулатор и инспектор.

„Невозможно е од 6,55 отсто адекватност на капиталот кон крајот на март 2020 година да падне на 2 отсто адекватност, во рок од 4,5 месеци, во кои 3 месеци и 1 недела имаше вонредна ситуација“, пишува Костовски и додава дека ваквата, како што вели, „весела математика“ не држи, бидејќи ваквиот пад на стапката на адекватност на капиталот се должи на носењето на лошите пласмани во уште полоша категоризација. „Зошто, кога при тој слободен пад на адекватноста на капиталот, не ги примени алатките: вонредни мерки и администрација“, прашува Костовски.