Народната банка ја продлабочува соработката со меѓународните финансиски институции


Во рамки на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, оствари низа важни состаноци со високи претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и организации.

Како што соопшти Народната банка на дел од одржаните состаноци, опстојно се разговараше и за продлабочување и развивање на соработката меѓу нашата Банка и дел од овие институции и организации, меѓу другото и преку спроведување нови значајни проекти и редица други заеднички активности, вклучително и во сферата на истражувачка активност.

На состанокот со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Андре Мекдовел се дискутираше и за остварувањето на зацртаното во меморандумот за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитната активност за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Во овој проект на ЕИБ, нашата централна банка се вклучи оваа година. Преку него, на полугодишно ниво, ние имаме можност состојбите со кредитната активност кај нас да ги согледаме и компаративно, во рамки на ЦИЈЕ, се наведува во соопштението.Се очекува дека следната година, ЕИБ да биде коорганизатор на традиционалната Истражувачка конференција на Народната банка.

– Како што беше кажано во Вашингтон, нашата централна банка веќе успеа оваа конференција да биде еден од најреферентните собири на истражувачи од централните банки на повеќе земји од Европа, се потенцира во соопштението.

На средбите на делегацијата со потпретседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, со регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, како со извршниот директор на СБ за Конституенцата во којашто членува нашава земја, Кун Дависе, се говорело за економскиот развој во Северна Македонија и за извршувањето на планираното портфолио со СБ, како и за финансискиот и банкарскиот систем и воопшто за финансиската стабилност кај нас.– Притоа беше истакнат напредокот на Народната банка во јакнењето на финансиската стабилност и во воспоставувањето соодветна макропрудентната рамка, како и во унапредувањето на анализите и на следењето на системските ризици, согласно со највисоките меѓународни стандарди, се додава во соопштението.

Со високите претставници на СБ, гувернерката Ангеловска-Бежоска подетално дискутирала и за можностите за натамошно користење на техничка и советодавна помош за нашата централна банка, нагласувајќи дека досега постигнатите резултати се гаранција пред меѓународните институции и организации дека сме подготвени за совладување на предизвиците за уште подинамично унапредување на централнобанкарското работење кај нас.

– Гувернерката на Народната банка и министерката за финансии присуствуваа и на Годишниот пленарен состанок на ММФ и СБ. Тие активно учествуваа и на состанокот на Холандско-белгиската конституенца одржан во рамки на Средбите во Вашингтон, на којшто се дискутираше за очекуваните идни стратешки пристапи и проекти за земјите-членки. Во текот на претстојниот ден, делегацијата ќе оствари одделни состаноци и со повеќе високи претставници на ММФ, се наведува во соопштението на Народната банка.