Народната банка ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка


Народната банка денеска ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка -Скопје, соопшти на прес-конференција гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

„Утре НБ ќе поднесе барање за стечај до надлежниот суд“, рече Бежоска.

Што се однесува до депозитите на физички лица гувернерката рече дека, на 99,4 отсто од депонентите ќе им бидат исплатени во законските рокови, според условите на Фондот за осигурување на депозитите во најкус рок.

„Дозволата се одзема заради неисполнување на законските услови“, појасни гувернерката.

Таа нагласи дека банкарскиот систем останува стабилен.

„Учеството на Еуростандард банка АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3 отсто, 1,7 отсто и 1,6 отсто, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем“, рече гувернерката.

Вкупниот износ на депозити што ќе бидат покриени од Фондот за осигурување на депозити изнесува 4,4 милијарди денари и се однесува на 136.619 депоненти. Од НБ појаснуваат дека станува збор за број на сметки, а бројот на граѓаните е помал, бидејќи има и такви кои имаат по повеќе депозити. Како што објасни директорот на фондот, Борче Аџиев, најголемиот износ на обештетување е 30 илјади евра по лице  во денарска противвредност.
Тој рече дека законскиот рок за почеток на обештетувањето е 20 дена, но ќе направат максимални напори тоа да почне што побргу.
Инаку, 780 депоненти нема да можат да бидат целосно обесштетени од Фондот, бидејќи го надминуваат максимално предвидениот износ од 30 илјади евра по лице. Тие своите побарувања ќе треба да ги остваруваат во стечајната постапка кога ќе биде отворена.

Објаснувајќи ги причините што довеле до ваков епилог за банката, гувернерката објасни дека станува збор за наследени проблеми од минатот, а не од тековното работење. Таа додаде дека во изминатиот период, заради поголема изложеност на ризици, Еуростандард банка била под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор.

„Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои бараше Еуростандард банка да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Притоа, клучно, беа изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на Еуростандард банка. Клучните проблеми на Еуростандард банка се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби“, рече Бежоска.

Таа дополни дека со супервизорско следење, во 2019 година, кај банката бил утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презела повеќе мерки, a една од клучните беше барање за докапитализација на Еуростандард банка.

„Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети“, рече таа, што придонело заедно со брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик да се намали стапката на адекватност на капиталот на Еуростандард банка под 2 отсто.

„Со тоа, согласно со Законот за банките, Еуростандард банка е несолвентна. Поради ова, Народната банка, согласно со Законот за банките, во текот на утрешниот ден – 13 август 2020 година, до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во Еуростандард банка“, рече Бежоска, додавајќи дека со отворањето на стечајната постапка, се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на банката.

Директорот на Фондот за осигурување депозити, Борче Аџиев објасни дека Фондот ќе започне со преземање на сите потребни активности за брза и ефикасна исплата на осигурените депозити на физичките лица, депоненти во Банката.
„Согласно Законот за осигурување на депозити, предмет на обесштетување се
денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите врзани за
паричните картички издадени од Банката, девизните приливи на физички лица
и сертификати за депозити издадени од Банката“, рече Аџиев.
Тој додаде дека предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената
пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денес кога е
донесено Решението за укинување на дозволата за основање и работење на банката.
„Депозитите на граѓаните во Еуростандард банка кои согласно со
Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени, ќе бидат
обесштетени од Фондот за осигурување на депозити во износ до 30.000 евра по
лице во денарска противвредност. За висината на вкупните депозити кои се
предмет на обесштетување, депонентите ќе добијат потврди за сопственост на
депозит на депонент“, рече тој.
Фондот преку посебно соопштение во медиумите, на својата веб-страница и
преку објава во јавните гласила ќе ги извести депонентите за датумот на почеток
на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити на Банката, за
називот на банката, односно банките преку која/кои ќе се врши исплатата на осигурените депозити и за начинот на подигнување на Потврдите за сопственост на
депозитите.
Аџиев истакна дека финансиската и ликвидносната состојба на Фондот е во одлична кондиција.

„Тоа значи дека располагаме со потребните средства и ќе направиме напор исплатите на сите депоненти на Банката –физички лица, по основ на вкупните депозити кои ги имаат во Банката да почнат и пред истекот на законските рокови. Според податоците обезбедени од Банката (со состојба на 31 јули 2020 година), вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени од страна на Фондот изнесува околу 4,4 милијарди денари“, рече тој.

Ова е прво одземање на дозвола за работа на банка во нашата земја по 13 години. Во 2007 година тогашниот гувернер Петар Гошев ја одзеде дозволата за работа на Македонска банка. Од 2000 година до сега пропаднаа и Алмако банка, Експорт импорт банка и Радо банка, како и шест штедилници. Претходно во времето на гувернерот Борко Станоески, дозволата за работа беше одземена на Југобанка.(M.J.)