Народна банка вели го штити јавниот интерес, откако акционери на Комерцијална банка ја оспорија одлуката за дивидендите пред Уставен суд


Народната банка вели дека со одлуката која ја донесе Советот на НБ за времена забрана за исплата на дивидендите од страна на банкиите и која што важи до крајот на оваа година се штити јавниот интерес, како и дека е донесена во согласност со Законот за Народна банка. Одоворот од Народната банка доаѓа откако денес  акционери на Комерцијална банка доставија иницијатива до Уставниот суд со која се бара нејзино поништување, поради тоа што, како што аргументираат, е спротивна на Уставот и на законите.

Одговорот на Народна банка го пренесуваме во целост:

„Со Одлуката донесена од Советот на Народната банка се штити јавниот интерес. Одлуката е донесена согласно со Законот за Народната банка, во функција на остварување на законската цел за одржување на стабилноста на финансискиот систем. Согласно истиот закон, стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес. Со оваа одлука којашто има времен карактер, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на негова стабилност, а во услови на сѐ уште присутна неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза. Истовремено, оваа одлука ќе придонесе за натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, што е исклучително важно за справување со кризата.

Од истите причини, одложувања на привремена основа на исплата на дивиденда на акционери на банките се воведени во сите земји на Европската Унија и во регионот. Впрочем, нема земја во којашто не е воведено вакво ограничување.

Како што соопшти Македонската банкарска асоцијација (МБА), на 3 март се одржа седница на Собранието на МБА, на којашто се разговараше за донесената одлука и притоа Одлуката на Народната банка беше оценета како превентивна, во функција на натамошно јакнење на потенцијалот на банките и штедилниците.

Сметаме дека ваквата одлука е во долгорочен интерес и на банките и штедилниците и нивните акционери: со зачувувањето и натамошното јакнење на капиталните ресурси и со зајакнување на својата поддршка за домаќинствата и корпоративниот сектор, банките и штедилниците ефикасно ја штитат својата вредност, и вредноста на инвестициите на акционерите“, велат од Народната банка во одговорот.

Од друга страна, во иницијативата која е доставена до Уставниот суд од Хари Костов, Главниот извршен директор на Комерцијална банка и адвокатот Игор Спировски, поранешен судија во Уставниот суд на Република Северна Македонија, заедно со поголем број акционери на Комерцијална банка, меѓу кои се Адора инжињеринг, ИГМ Трејд, Гранит, Промедика, Макпетрол, Македонијатурист, ЗСФ ком, Раде Кончар ТЕП, Раде Кончар Сервис, Раде Кончар Апаратна техника, Смелтинг, Езимит вино ДОО Штип и поголем број физички лица-акционери на Банката се бара судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките, донесена од Советот на Народната банка на Република Северна Македонија на 26 февруари.

Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената Одлука е донесена од страна на Советот на Народната банка без законско овластување за донесување одлука со таква содржина, односно дека таа не е во согласност со член 47, став 1, точка 25 од Законот за НБРМ. Имено, овој член од Законот јасно го овластува Советот на Народната банка да “врши други задачи утврдени со овој закон“. Советот на Народната банка не е слободен самиот да си ги одредува задачите што ќе ги врши, туку може да ги врши само оние задачи за кои има изрично овластување утврдено со закон. Во ниту една одредба од Законот за Народната банка не е утврдено овластување на Советот со свој акт да пропише ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките, независно од целите што Советот на НБМ сакал да ги постигне. Со донесувањето на оспорената Одлука, подносителите на иницијативата сметаат дека Советот ги пречекорил своите овластувања и надлежности утврдени со закон и дека таквата одлука во правната теорија и судската пракса се смета за ништовна.

Подносителите на иницијативата, исто така, сметаат дека Одлуката не е во согласност со темелните вредности на Уставниот поредок од член 8 – владеење на правото, правна заштита на сопственоста, слобода на пазарот и претприемништвото.

Врз основа на овие аргументи, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, а потоа истата да ја поништи. Исто така, предлагаат Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената Одлука до конечното одлучување по предметот.