Народна банка и со „црно“ сценарио за пад на БДП до 5,8 отсто ако се продлабочи корона кризата


Падот на БДП се оекува годинава да изнесува 3,5 отсто, но доколку здравствената криза има и втор бран, падот може да биде поголем за дополнителни 2,3 процентни поени, се вели во прокциите на Народната банка

Во основното сценарио за намалување на БДП од 3,5 отсто се очекува пад кај сите компоненти на БДП, освен кај јавната потрошувачка

Пад од 3,5 отсто на домашниот бруто-производ за оваа година, предвидува Народната банка во најновата Ревизија на макроекономските проекции што ја презентираше денес гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска преку видео прес конференција. Доколку здравствената криза има и втор бран, падот на БДП може да биде уште поголем, за дополнителни 2,3 процентни поени, односно може да достигне до минус 5,8 отсто, предупредува НБ во анализата.

Соочени со пад на глобалната активност и домашни мерки за ограничување на ширењето на вирусот, проектираме намалување на економската активност, односно пад на БДП од 3,5 отсто во 2020 година и закрепнување од 4,7 отсто во 2021, со враќање кон среднорочните прогнози од 4 отсто во 2022 година, рече Ангеловска-Бежоска додавајќи дека и покрај очекуваното закрепнување наредната година, нивото на економска активност останува пониско од претходните оцени.

Во однос на структурата на БДП, таа рече дека се очекува пад кај сите компоненти на БДП, освен кај јавната потрошувачка. Така, кај личната потрошувачка се очекува пад од околу 4 отсто што се должи на намалувањето на расположливиот доход во услови на неповолен пазар на труд и пад на приватните трансфери, потоа забавување и на кредитната поддршка, зголемена неизвесност и воздржаност. Кај бруто инвестициите падот ќе изнесува од околу 10 отсто поради намалувањето на странските, но и домашните јавни и приватни инвестиции, потоа поради зголемената неизвесност и забавена кредитна подршка. Кај извозот се очекува пад од околу 17 отсто поради намалената странска побарувачка, застој во синџирите на снабдување и домашните рестриктивни мерки. Намалената лична и инвестициона побарувачка и падот на извозот ќе доведе и до пад на увозот од околу 15 отсто, рече гувернерката.

Народната банка очекува и пониска инфлација во споредба со претходните прогнози. Според најновата проекција инфлацијата годинава ќе изнесува околу 0 отсто, што е значително помалку во однос на октомвриските проекции кога се предвидуваше инфлација од 1,5 отсто. За наредната година инфлацијата ќе изнесува 1,5 отсто, проценува НБ, што е нешто пониско од претходната проекција за инфлација од околу 2 отсто.

– Причините за надолна корекција се остварената инфлација во првиот квартал која е под проекциите (0,6 отстло наспроти 1,8 отсто), како и поради очекувањата за увозните цени, пред се на енергенсите и на храната, како и домашната побарувачка кои се коригирани надолу, рече Ангеловска-Бежоска. Таа додаде дека на среден рок се задржуваат проекциите од октомврискиот циклус за движењето на инфлацијата околу 2 отсто.

Намалувањето на приватните трансфери, особено на дознаките од странство, помалиот суфицит кај услугите, поради проблемите во транспортот и помалиот обем на патувања, но и помалиот очекуван трговски дефицит (поради поголемиот пад на увозот од падот на извозот) ќе резултираат со дефицит на тековната сметка од 3,2 отсто од БДП, што е повеќе во однос на претходната проекција од 1,3 отсто. Во наредните години се очекува постепено стеснување на овој јаз односно просечниот дефицит да изнесува 1,6 отсто од БДП.

– Приливите во финансиската сметка за 2020 година (од 3,7 отсто од БДП – пониски во споредба со октомври) – главно се во форма на надворешно задолжување и директни инвестиции, што би овозможило целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка и дополнително умерено кумулирање на девизни резерви, рече гувернерката.

За наредната година се очекува расст на БДП од 4,7 отсто, со враќање кон среднорочните прогнози од 4 отсто во 2022 година: гувернерката Ангеловска-Бежоска

Во наредниот период финансиските нето-приливи ќе изнесуваат во просек од 3,1 отсто од БДП – главно од директни инвестиции. Во текот на целиот период на проекциите, показателите за адекватноста на девизните резерви (соодносот на резервите со проектираниот увоз на стоки и услуги, со долгот и сл.) се во сигурната зона, рече таа.

Според анализите на Народната банка депозитниот и кредитен раст во првото тримесечје биле солидни и изнесувале 7,9 отсто и 5,8 отсто, соодветно.

– Сепак, се очекува забавување на депозитниот раст на 2,3 отсто, а на кредитниот на 3 отсто оваа година, а потоа постепено забрзување до околу 8 отсто, односно 7 отсто, на среден рок, рече Ангеловска-Бежоска.

Намалната економска активност ќе има неповолни ефекти врз перформансите на компаниите и доходот на населението, а со тоа и врз потенцијалот за штедење, додаде таа. Од друга страна, надворешното финансирање на државата и целното насочување на средствата кон погодените сектори ќе има ублажувачки ефекти врз депозитната база.

– Кредитната активност на банките ќе биде под доминантно влијание на оцените за изворите на финансирање и перцепциите за ризик; поголема фокусираност на реструктуирањето на постојните кредитни изложености – мерките на Народната банка и поволните кредити од Развојната банка со ублажувачки ефекти од кризата, рече гувернерката.

Таа нагласи дека ризиците за објавените проекции се исклучително високи, поради пролонгираната здравствена криза, односно евентуалниот втор бран на кризата што може да предизвика поголем пад на глобалната активност, позначајно меѓусекторско прелевање, подлабоки ефекти врз билансите на компаниите, поголема аверзија кон ризик и затегнување на меѓународните финансиски пазари.

– Влошеното надворешно окружување заедно со пролонгирањето на здравствената криза кај нас може да доведе до побавно закрепнување на извозот и домашната побарувачка, да ги намали девизните приливите, да го зголеми ризик од повратна врска помеѓу реалните и финансиските текови, да го отежне пристапот до пазарите на капитал, рече Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека доколку се случи такво нешто можно е потенцијално отстапување од проекцијата во сите сегменти, вклучително и поголем пад на БДП.

– Симулацијата на двојно подлабок пад на странската ефективна побарувачка во 2020 година, односно пад од 10 отсто (наспроти 5 отсто) би довела до подлабок пад на БДП за 2,3 процентни поени, споредено со основната проекција, при понагласени неповолни ефекти врз извозот и инвестициската побарувачка, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.