Народна банка-ММФ: Денарот е стабилен, инфлацијата под контрола


Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заменик министерот за финансии, Филип Николоски и вицегувернерот Фадил Бајрами се дел македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка. На средба со заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, тој констатираше дека Народната банка води соодветни политики, кои придонесуваат за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и одржување на стабилноста на банкарскиот сектор.

Притоа, високиот претставник на ММФ укажа на потребата од понатамошна внимателност во водењето на политиките, со оглед на неизвесниот глобален контекст, кадешто инфлацијата забавува, но побавно, додека стапките на глобален раст се под историскиот просек.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата оствари средба и со Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, којшто исто така констатираше опаѓачки тренд на инфлацијата, позитивни движења кај девизните резерви и стабилност на банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и покрај повеќе шокови, преку бројните монетарни, но и макропруденти мерки е задржана макроекономската стабилност. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап.