Народна банка: Крајот на 2020 донесе поповолни движења во економијата


Поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност и поповолни движења во домашната економија се забележани во последниот квартал од 2020 година, во однос на претходниот квартал, оценува Народната банка врз основа на расположливите високофреквентни податоци  за последниот квартал од 2020 година.

Во објавената месечна информација наведуваат дека во третиот квартал од 2020 година значително забави падот на Бруто домашниот производ, а остварувањата во првите три квартали се во рамки на очекувањата од октомвриските проекции.

-Согласно со објавените проценети податоци и направените ревизии за БДП, во првите три квартали на 2020 година, во просек, економијата бележи реален пад од 5,9 отсто, што е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција (проектиран пад од 6,1отсто). Во однос на економската активност во четвртиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври-ноември 2020 година, општо земено, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, а во споредба со претходниот квартал движењата во домашната економија се поповолни, наведуваат од Народната банка.

Појаснуваат дека во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на Ковид-19, постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба, како и преземените мерки за поддршка на економијата, податоците за овој период покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата и прометот во вкупната трговија, како и забрзување на растот во градежништвото, а единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството.

Во однос на инфлацијата, остварувањата за цела 2020 година се во согласност со проектираните, што при ревизии во различни насоки кај надворешните влезни претпоставки, засега упатува на балансирани ризици во однос на движењето на инфлацијата во следниот период, наведуваат од Народната банка.

Во однос на промените кај потрошувачките цени, како што стои во информацијата, остварената годишна стапка на инфлација во декември 2020 година од 2,3 отсто е малку повисока од очекуваната според октомвриската проекција. Сепак, од Народната банка сметаат дека гледано за целата 2020 година, остварената годишна стапка на инфлација од 1,2 отсто е во согласност со октомвриската проекција (проектирана стапка на инфлација од 1,1 отсто).

-Динамиката на потрошувачките цени во домашната економија во 2020 година во најголем дел произлегува од цените на храната, коишто се повисоки за 2,6 отсто, како и од позитивниот придонес на базичната инфлација којашто изнесува 0,9 отсто. Од друга страна, цените на енергијата забележаа пад од 1,4 отсто, под влијание на високиот пад на цената на нафтата на светските берзи, и покрај тоа што овој ефект во еден дел беше неутрализиран од одлуката за зголемување на акцизите за дел од
дериватите од април и одлуката за зголемување на домашната цена на електричната енергија од август, стои во информацијата.

Во рамките на прехранбените категории, наведуваат дека умерено зголемување бележат цените на лебот и житата, месото, млечните производи и овошјето.

Според Народната банка, базичната инфлација главно се должи на промените од административна природа, поврзани со зголемувањето на акцизата на цените на тутунот.

-Остварувањата во 2020 година упатуваат на благо забрзување на инфлацијата во споредба со остварувањата во 2019 година, кога инфлацијата изнесуваше 0,8 отсто. Во услови на претежно надолни притисоци од увозните цени (поумерена странска ефективна инфлација) и пад на домашната побарувачка, благото забрзување на домашната инфлација во 2020 година делумно ги отсликува и случувањата поврзани со ковид-19, односно поизразената потрошувачка на одредени производи и услуги, како и зголемувањата на цените од административна и регулаторна природа, а одреден ефект веројатно имаат и ограничувањата на страна на понудата предизвикана од глобалната здравствена и економска криза, истакнуваат од Народната банка.

Во услови на ревизии во различни насоки кај надворешните влезни претпоставки, во информцијата стои дека сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, посебно изразено во услови на втор бран од пандемијата на Ковид-19 и појавата на мутација на корона-вирусот.

Девизните резерви посочуваат дека и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор, податоците за менувачкиот пазар заклучно со декември упатуваат на повисоки остварувања кај приватните трансфери, додека податоците за надворешнотрговската размена за ноември укажуваат на трговски дефицит во рамките на очекувањата за последниот квартал, согласно со октомвриската проекција.

Во рамките на монетарниот сектор, годишниот раст на депозитите и на кредитите заклучно со ноември главно се во рамките на проектираните за четвртиот квартал на 2020 година, според октомвриската проекција.