Народна банка: Една петтина од приходите на банките се од провизии


Фото: Б. Грданоски

Една петтина од приходите на банките се од провизии. Тоа се оние давачки што банките со многу инвентивност успеваат постојано да ги смислат и за услуги за кои не се очекуваат. Бидејќи банките се оставени сами да одредуваат за што и колкава провизија ќе се плаќа, резултатот е катагодишен раст на овој вид приходи на банките. Дури и премиерот се почувствува повикан, па во март кажа дека банкарските провизии се многу високи, што ја прави непријатна атмосферата и за нив.

Народна банка анализира дека во 2018 година банкарскиот систем оствари добивка од работењето во износ од 8,4 милијарди денари или 136,5 милиони денари, која во споредба со претходната година, е повисока за 27,4 проценти.

„Главна причина за високиот раст на добивката беа неколкуте настани од нередовна природа од првиот квартал на годината кога се изврши наплата на поголем износ на нефункционални побарувања од едно нефинансиско друштво од страна на неколку банки и беше остварена капитална добивка од продажба на капитален влог од страна на една банка. Со влијанието на овие еднократни фактори се објаснува околу 83 отсто од растот на добивката во банкарскиот сектор. Со изземање на нивниот ефект, добивката би била во рамки на остварениот финансиски резултат од претходната година со умерен годишен раст од 4,5 проценти“, стои во годишниот извештај за банкарскиот сектор.

Лани, првпат по 2010, банките во целина наплатиле помалку камати отколку претходната 2017 година. Но затоа скокнале приходите од провизии. Во 2017 во структурата на вкупните приходи на банките, провизиите учествувале со 18,2, а во 2018 година со 19 проценти.

Нето-приходите од провизии се важна приходна ставка поврзана со редовните банкарски активности.

„Анализата на структурата на нето-приходите од провизии покажува дека банките остваруваат најмногу приходи врз основа на провизии и надоместоци од вршење на платен промет во земјата, кои изнесуваат 37,1 процент од вкупните нето-приходи од провизии и имаат најголем придонес за нивниот раст во 2018 година. Следни по значење се провизиите од картичното работење и од вршење платен промет со странство кои придонесуваат со 24,2 проценти и 13 проценти, соодветно, за годишниот раст на вкупните нето-приходи од провизии. Приходите од пософистицирани, инвестициски активности, како што е управувањето со средства, имаат маргинално значење за приходите на домашните банки. Ваквата структура соодветствува со традиционалниот деловен модел што го применуваат домашните банки, кој покрај кредитно-депозитната активност, како носечка активност на работењето, главно почива на обезбедување услуги во платниот промет и од работењето со картички“, анализира Народна банка.

Банките очекуваат дека и годинава ќе растат приходите од провизии.

Според анкетата за согледувањата на банките за ризиците од окружувањето и планираните деловни активности, поголемиот дел од банките очекуваат дека растот на профитабилноста ќе продолжи и во 2019 година. Најголемиот дел од банките очекуваат дека растот на профитабилноста ќе биде поддржан од растот на приходите од провизии, по што следува каматниот приход, а се очекува и натамошно подобрување на оперативната ефикасност и намалување на трошоците за исправка на вредноста. (А.С.)

Фото: Б. Грданоски