Народна банка: 3,5 проценти раст во 2019, а в година 3,8 отсто


Фото: Б. Грданоски

Народната банка ја задржа проекцијата за растот на економијата од 3,5 отсто за годинава, а за наредната предвидува раст од 3,8 отсто. Главни двигатели на растот, според Народната банка, ќе бидат извозот, инвестициите и личната потрошувачка. При проекцијата се земени предвид одржувањето на изборите, а гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска вели дека на растот има влијание и реализацијата на капиталните инвестиции.

– Во првата половина од годината продолжи трендот на забрзување на растот на економијата, а во оваа насока упатуваат и индикаторите за третиот квартал. Во периодот на проекции и понатаму се очекува раст на домашната економија од 3,5 отсто во 2019 година и постепено забрзување на 3,8 отсто во 2020 година, рече денеска гувернерката Ангеловска-Бежоска на прес-конференција.

Таа додаде дека при проекцијата е земено предвид влијанието на предвремените парламентарни избори, но оти проценка ќе прават и откако ќе го видат буџетот за наредната година и фискалната стратегија,

– Ги имавме предвид изборите. Се наоѓаме во тој период пред избори. Искуството досега упатува дека е можно изборите да имаат влијание генерално на забавување на економската активност, но она што е карактеристично вообичаено е дека ефектите од тоа се чувствуваат во пократок период, така што не е исклучена можноста да има одредено забавување на економската активност. Важно е во целиот овој период да се продолжи со структурите реформи, бидејќи тие се најважниот фактор кој го детерминира растот, ги подобрува фундаментите на економијата за да може по завршување на изборниот циклус со поголем потенцијал на нашата економија да се остваруваат повисоки стапки на раст, кој што несомнено ни се потребни за да постигнеме позабрзана конвергенција, истакна гувернерката.

Според Народната банка, како што посочи гувернерката, битен фактор на растот останува извозната побарувачка, односно се очекуваат позитивни ефекти од индустриските капацитети со странски капитал и традиционалниот извозен сектор при натамошен, иако, поумерен раст на странската побарувачка.

Позитивен стимул, се очекува и од инвестициите. – По неповолните движења во 2017 и 2018 година предвиден е раст во следните три години при забрзување кај јавните инфрастуктурни инвестиции, приливи од странски директни инвестиции, како и натамошна склоност за инвестирање на приватните субјекти, поддржана од кредитирањето од страна на банките, појасни гувернерката.

Таа посочи дека позитивен придонес ќе има и личната потрошувачка при солиден раст на реалните плати, зголемување на вработеноста, раст на маста на пензии, приватните трансфери и натамошна кредитна поддршка од страна на банките.

Според гувернерката, една од клучните претпоставки за остварување на макроекономското сценарио е забрзување особено на јавните инфрастуктурни проекти.