Народен суд


РУМЕНА БУЖАРОВСКА 

Бев дел од „Шарената револуција“. Се гордеам со тој факт. Сцените во кои масовни толпи луѓе по долги години молк и страв посветено и редовно излегуваа на улица, здружено скандираа и со балони боја ги испогаѓаа одвратните споменици, симболи на репресијата и корупцијата, симболи материјализирани во криминалното „Скопје 2014“, ме исполнуваат со неверување и восхит. Овие мигови ги сметам не само за креативен достиг на нашето општество, туку, што е најважно, за негов критички раст каков што често се предизвикува во периоди на криза (за тој критички раст и будење од апатијата на неправењето ништо, фала ти ВМРО).

Сега е модерно да се мрази „Шарената револуција“. Не ме изненадува апатијата што следува по долга битка, разочарувањето што е нормално по големи очекувања. Единките што биле дел од големите вознесени толпи сега веќе не се чувствуваат битно: се чувствуваат како да се малечок и заборавен дел од една закоравена државна машинерија во која корупцијата и нефункционалноста се длабоко впиени во порите на нашето секојдневно општествено живеење. И при чувствување на таква небитност, неретко не само што се развива апатија, туку и гнев: некој некаде ни згрешил. Некој нешто нè зафркнал со „Шарената“. Се разбира, некојси таму секогаш профитирал. Секако, џабе се боревме. Не само што џабе се боревме, сè е џабе. Тоа е најлесниот пат: препуштање на неодговорност, па заштита од понатамошни разочарувања („а бе, јас знаев дека вака ќе испадне“). Но неретко ваквиот однос поведува кон нешто уште поопасно, а богами и гнасно, а тоа е народниот суд.

Ете таков (низок и срамотен) народен суд изминатата недела го стигна сега веќе поранешниот пратеник Павле Богоевски. Павле стана симбол на „Шарената револуција“, па ете, истите тие што одеа по протести и се бореа против претходниот режим сега гладни за одмазда за нивната разочараност –разочараност несоодветно голема со реалната состојба во која се наоѓаме – најлесно ќе го симнат од пиедесталот на кој сами го ставија момчето на кое толку долго му се воодушевуваа: Павле.

Павле, кој не само за време на „Шарената“, туку за време на сите други долгогодишни протести кои не беа така масовно посетени, посветено одржуваше ред, мир и даваше чувство на сигурност (лично, штом ќе го видев Павле, а ситуацијата беше опасна поради агресијата на полицијата, знаев дека сè ќе биде во ред). Истите вие што одевте на протести и учествувавте во промената на општеството, сметавте дека е добро во новата влада да влезат непартиски луѓе од граѓанскиот сектор: и кога тоа се случи, истите тие ги исплукавте, ги етикетиравте како неискрени фотелјаши, дури и кога за малку ќе ги убиеја во Собранието на 27 април (за Павле зборувам, да). Сепак, и покрај сè што труе во државава, решивте дека најмногу ќе се занимавате со ѕвездите што сакате да ги симнете, наместо со тоа што навистина и во крајна линија многу повеќе труе во државава.

Овој народен суд што се случи по социјалните мрежи истовремено демонстрираше една многу вознемирувачка малограѓанска уназаденост (мора да додадам, слична малограѓанштина се виде при коментирањето за „Евровизија“, кога стана јасно колку луѓето се расисти и шовинисти, или при објавата дека во Скопје ќе се одржи парада на гордоста, па сите тие прогресивни малограѓани се произнесоа со фразата „јас не сум хомофоб, ама…“). Леле, пратеник земал дрога. Во свое слободно време, надвор од работните обврски. Македонските пуританци што локаат ракија од сабајле, а преку ден, кога им се тенки нервите и ги боли глава, си кркаат диjазепамче, апауринче и хелексче, мораа да го осудат Павле не за тоа што го прави тој на работа, т.е. не за тоа како си ја врши работата во Собранието, туку за тоа што прави тој во своето слободно време. Најпросто ќе кажам: луѓе, назадни сте и неинформирани. Дајте малку прочитајте за употребата на дрогата за медицински, па и за рекреативни цели и излезете од пештерите во кои ги кркате диjазепамите од 30 денари што ви ги препишува матичниот. Не сте ништо подобри: полоши сте и веројатно поради тоа сте гневни да казните некој друг.

И додека пратеници шуруваат со криминалци, додека лапаат патни трошоци во висина од ваша годишна плата, додека спијат во Собранието во кое стигнале без никаква заслуга и стручност и од џеб ви ги земаат парите за кои секој ден си ‘рмбате, вие, гневни мали човечиња, удрете по Павле. Може ќе ви биде подобро.

(Авторката е писателка)