Народен правобранител: Образовните институции не беа целосно подготвени за далечинско учење

Образовните институции не беа целосно подготвени за далечинско учење, особено во почетокот на корона кризата, а притоа, најпогодени од состојбата се учениците, особено оние во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства, како и учениците со попреченост.

Ова се наведува во мислењето на Народниот правобранител до министерот за образование и наука Арбер Адеми, во врска со наставата во услови на далечинско учење.

Народниот правобранител потенцира дека далечинското образование бара длабока трансформација на образовните системи вклучително и механизмите за финансирање, управување, осмислување, реализација и следење на успехот и напредокот на сите ученици во услови на образование од далечина.

Сите ученици, се додава во  мислењето на Народниот правобранител, немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на зададените задачи од страна на наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот, што дополнително води до нееднаквност и неможност за целосно вклучување во процесот на учење и совладување на знаења, умеења и вештини.

– Неспорно е дека поради новонастанатата ситуација со вирусот Ковид-19, ширум светот, па и кај нас, учењето од далечина стана исклучително актуелно во првата половина од 2020 година, и истото се примени како единствено можна безбедна опција по здравјето на сите учесници во образовниот процес. Истовремено, кризата настаната поради вирусот ги истакна проблемите, потребите и предизвиците во организирање на образование од далечина, особено сво отсуство на системски решенија и развиени документи кои предвидуваат конкретни активности и мерки за реализација на учење од далечина, и немање на развиени стандарди за е-учење, како и национална платформа за поддршка за учење од далечина во основното и средното образование, се наведува во мислењето.

Се додава дека во време на пандемии доаѓа до потешкотии или до целосен прекин во пристапот до образование, пришто најпогодени заедници се децата од неповолните групи (ученици со посебни образовни потреби, поконкретно деца со попреченост, Роми, мигранти, бегалци и други деца и млади во социјален ризик).

Народниот правобранител, следејќи ја состојбата со образованието на децата согледал дека за време на траењето на онлајн наставата (почнувајќи од средината на март, па се до крајот на учебната година) училиштата и наставниците не добија унифициран систем, издржана платформа преку која секојдневно ќе комуницираат со учениците и ќе ја реализираат наставата.

– Имено, кон крајот на март со појавувањето на платформата за далечинско учење Едуино се забележаа низа пропусти на самата платформа, првенствено поради тоа што повторно стануваше збор за еднонасочно предавање на материјалот преку кратки видеа подготвени од малкумина наставници-ентузијасти, при што многу теми се повторуваа, а истовремено одредени теми воопшто не беа обработени, па дури и недостигаа цели наставни предмети. Имајќи ги предвид реакциите и забелешките на родителите и учениците, прозилегува дека платформата Едуино не беше системско решение кое беше општоважечко и обврзувачко за секое училиште, односно за секој ученик, се додава во мислењето.

Мислењето во интегрална форма може да го проследите на следниот линк.