„Народен пратеник“ на Нушиќ и Егон Савин ја собраа културната елита во МНТ

Автори, актери и режисери се собраа викендов во МНТ, на премиерата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин, со што започна одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар.

Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби, соопштија од МНТ.
Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Првата реприза е закажана за 30 јануари, и веќе картите се распродадени, велат од МНТ.
Фото: МНТ