Конечно продолжува реконструкцијата на Универзалната сала

Никој не претпоставуваше дека ќе молиме да ни се предаде целосната документација затоа што и нам, на Министерството за култура, ни следуваат рокови, изјави на денешната прес-конференција Костадиновска-Стојчевска


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата за резултатите од Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2024 година, на новинарско прашање за тоа кога ќе започне реконструкцијата на Универзалата сала најави дека Министерството за култура го изоде потешкиот пат, но го заврши процесот и реконструкцијата може да започне следната недела.

„Одата заврши. Изодевме по подолгиот и по потешкиот пат, но ја собравме целата документација потребна за реконструкцијата на објектот. Процесот е завршен, и наредната недела изведувачот веќе може да започне со расчистување и со работа. Парите се обезбедени и реконструкцијата може да започне“, рече министерката за култура.

Таа додаде дека никој не претпоставуваше дека откако Министерството за култура го презеде правото за обнова на Универзална, дури и по четири ургенции до градоначалничката, до службите  и до Советот на Град Скопје, Министерството нема да добие одговор.

„Тимот на Министерството за култура преку Министерство за правда и преку сите релевантни чинители што биле вклучени кога проектот за реконструкција и доградба за Универзална сала се направил, упати ургенции и успеа да ги собрере сите релевантни документи потребни за финализирање на административната постапка. Останува уште да се потпише банкарска гаранција и реконструкцијата може да почне“, објасни Костадиновска-Стојчевска.

Министерката рече дека во Министерството за култура во изминатиов период интензивно се работеше на обезбедување на потребната документација, но и на обезбедување услови за продолжување на реконструкцијата, за што говори и обезбедувањето средства за 2024 година, како и обезбеденото три годишно финансирање.

„Со повеќегодишна јавна набавка обезбедивме овој процес кој не смее да се доведе во прашање, да нема никакви пречки до негова крајна реализација“, појасни министерката за култура.

Повеќе од две години трае сагата околу реконструкцијата на Универзалната сала, која на две на три, почна уште пред заминувањето на претходниот градоначалник од функцијата. 

Нешто малку од работите за реконструкција продолжија и по доаѓањето на градоначалничката Данела Арсовска не чело на градот, но таа веднаш ги стопира работите, со објаснување дека плановите за реконструкција не се соодветни.
 
Затоа, минстерката за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, лани беа „на гости кај Арсовска да ја убедат реконструкцијата на Универзалната сала да ја препушти на Владата, претставена преку Министерството за култура. По повеќе перипетии, Советот на Град Скопје изгласа одобрение Универзалната сала да ја реконструира Министерството за култура, а потоа да ја предаде на владение на градот Скопје. Пари за реконструкцијата на салата има и тие стојат во градската каса.
 
Но, и покрај тоа што Скопје, ја доби титулата за Европски град на културата 2028 година, чиј носител на програмата е токму Универзалната сала, а на оваа вест заедно во Брисел се радуваа министерката и градоначалничката и денеска со голем културно-забавен настан ја презентираа програмата за оваа културна манифестација, сепак, ниту документација, ниту парите не беа стигнати до министерството. Сепак, и двете, министерката и градоначалничката тогаш беа убедени дека диманиката која е утврдена ќе биде запазена.
 
„Во рамки на динамиката која претходно беше донесена, верувам дека навремено ќе биде завршен“, изјави Арсовска лани, по презентацијата на програмата за Скопје – европска престолнина на културата 2028.
 
„Кога ние ќе ја добиеме целосната документација и одлука од Град Скопје, веќе имаме тим од одделот за капитални инвестиции и надворешни соработници, коишто ќе го погледнат проектот, и кои ќе донесат одлука како понатаму ќе постапиме, односно ќе постапиме по динамиката која претходно е утврдена, што не значи дека нема да ги спроведеме сите потребни постапки како надзор при реконструкцијата и се она друго што опфаќа за конечно Универзална сала да биде реконструирана“, појасни тогаш Костадиновска–Стојчевска.