Наредната година ќе се вработат нови 20 инспектори


Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска истакна дека работите околу новите вработувањата се тргнати од мртвата точка и дека за наредната година ќе добијат 20 нови вработувања.

–Преку Инспекцискиот совет, не само за пазарниот, туку и за другите инспекторати, направена е анализа за потреба на нови инспектори. Ние можеби имаме вишок администрација, од која не можеме да земеме кадар за инспекцискиот оддел. Она што Владата го презема е дека наредната година ќе ни излезе во пресрет и ние ќе ги добиеме барем тие 20 нови вработувања, претежно на инспектори, истакна Пауновски.

Во однос на тоа како се снаоѓаат во периодов со помал број инспектори, Пауновски рече дека му се молат на Бога инспекторите да бидат задрави и живи, за да ги завршат работните задачи. Тој нагласи дека сè што им е дадено како задача, се трудат да го завршат како што треба.

– Се што ни е дадено како задача, се трудиме максимално да го испочитуваме. Не постои место каде инспекторите не пристапуваат и каде е потребна, контрола, а таа да не е извршена. Во последната недела намалени се и кривичните пријави, бидејќи и луѓето сфатија дека инспекторите се на терен, дека треба да ги почитуваат протоколите. Она што ни се случува со прекубројноста на новозаразени и починатите, почна полека да ја враќа свеста кај граѓаните и кај стопанските субјекти кои се предмет на нашите контроли, истакна Пауновски.