Напредок на Македонија во скалата на „Фридом хаус“, таа е највисоко од земјите на Западен Балкан


Мапата на индексот на слободите во светот

Македонија е рангирана меѓу петте држави со најголем раст на индексот во светот и со највисок скок во Европа

 

Со плус три поени на скалата во најновиот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2021“, Македонија забележа напредок и е рангирана меѓу петте држави со најголем раст на индексот во светот и со највисок скок во Европа.

Оценката за слободите во 2021 година за Македонија е 66 и нашата земја и покрај напредокот останува рангирана во групата на „делумно слободни“ држави, во која, меѓу останатите, се наоѓа и членката на ЕУ – Унгарија, сите земји од Западниот Балкан, а од Европа таму уште се и Украина и Молдавија. Три европски земји се во групата „неслободни држави“ – Русија, Турција и Белорусија.

Во однос на политичките слободи земјава има индекс 27 од можни 40 поени, а во однос на граѓанските слободи 39 од можни 60 поени.

Од шесте земји на Западен Балкан само Албанија има ист број поени – 66, додека Србија има 64, Црна Гора 63, Косово 54, а најдолу на листата е Босна и Херцеговина со 53 поени. Орбановата Унгарија има 69 поени.

Во извештајот се посочува дека реизбраната Влада на премиерот Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќегодишното претходно уназадување на демократијата во земјата, при што се наведуваат позитивните оценки дадени од ЕУ за реформите во правосудството, како и дека е потребно да продолжи користењето на законските можности за зајакнување на независноста на судиите.

„Реформската влада на Северна Македонија беше реизбрана и нејзините институции во голема мера се справија со штетите нанесени од поранешниот премиер во бегство Никола Груевски“, се посочува во извештајот.

„Фридам хаус“ нотира напредок во поддршката на граѓанското општество и констатира дека работата на невладините организации е слободнa и безбеднa за разлика од периодот до 2017 година.

Во извештајот е посочено и дека расте бројот на критички и независни медиуми, особено на онлајн платформите, но се наведува и дека новинарите работат во услови на политички притисок, дека медиумскиот простор во земјата е поларизиран, како и дека дел од приватните медиуми се поврзани со центри на политички и бизнис интереси.

„Новоизбраната влада на премиерот Зоран Заев го смени долгогодишното демократско назадување, но на земјата и понатаму ѝ се ускратува шансата да стане членка на Европската унија“, се додава во извештајот, во кој се нотира дека земјата и покрај позитивни оценки и препораки од европските институции сѐ уште не ги почна преговорите за членство во ЕУ.

Како еден од клучните настани во земјата во 2020 година во извештајот се посочени парламентарните избори во јули, кои, како што се наведува, донесоа тесна победа на владејачкиот СДСМ) пред опозициската ВМРО – ДПМНЕ. – Изборите беа конкурентни, веродостојни и се одвиваа без поголем инцидент, а СДСМ наскоро формираше владина коалиција со помали партии, се наведува во документот.

Меѓу клучните настани е наведено и усвојувањето на новиот закон за јавно обвинителство, кој „беше дел од тековната цел на реформите насочени кон старт преговорите за членство во ЕУ, како и одлуката на Унијата за почеток на пристапните преговори.

„Во октомври, ЕУ сигнализираше дека е подготвена да ги започне пристапните преговори пред крајот на годината. Во ноември, бугарската влада го блокираше почетокот на разговорите“, се додава во извештајот.

Дел е посветен и на справувањето со корона кризата, при што се посочува дека властите усвоија различни мерки за ограничување на движењето и други активности како одговор на пандемијата со Ковид-19, а кон крајот на годината беше воведена вонредна состојба. (Н.В.)