„Направив грешка“: Заканувачот од Прилеп му се извини на Мицкоски


 

Еден ден по непримерните закани до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговото семејство стигна извинување од профилот на социјалните мрежи со име Роберт Типчето. Заканувачот пишува дека тоа било момент на недоволна промисленост и дека нема намера никого да убие.

„Не сум направил никакво убиство досега во мојот живот ниту имам план да сторам таков ригорозен чин. Момент на недоволна промисленост. Воедно, секој греши како човек, ве уверувам нема од тоа ништо. Како и секој млад, и јас во моментот не се наоѓам во Република Македонија, работам надвор од државата. Уште еднаш јавно до целата нација на Република Македонија и самиот претседател Христијан Мицкоски и до неговата фамилија лично му се извинувам за немилиот настан и ја прифаќам грешката“, пишува во дел од пораката на профилот.

Заканата беше навистина непримерна и непромислена: „Една порака до Христијан Мицкоски, ако му е мила фамилијата и децата нека седи мирен во спротивно неговите деца ќе завршат во некој ендек како кучиња мувите ќе ги плукаат“.

Опозицијата тврди дека станува збор за лицето Роберт Тодороски кој бил поддржувач на премиерот Димитар Ковачевски, но дека добило благодарница од претседателот Стево Пендаровски. Од кабинетот на претседателот веднаш демантираа дека такво нешто воопшто се случило.