Направи ли Пендаровски гаф или најави нова амнестија?


Претседателот Стево Пендровски вчера, во интервју, си дозволи да ја оценува судската одлука за 27 април и индиректно ги повика осудените да обезбедат нови докази и да бараат обновување на процесот, бидејќи и според него – не биле терористи

 

Слободанка Јовановска

Претседателот Стево Пендровски вчера, во интервју, си дозволи да ја оценува судската одлука за 27 април и, откако се опиша себеси како упатен во тоа што е тероризам, порача дека тие што упаднаа насилнички во нашиот парламент не биле терористи, индиректно повикувајќи ги осудените да обезбедат нови докази и да бараат обновување на процесот. Кратко по интервјуто Пендаровски се самообјаснуваше преку МИА, дека само упатил на можна процедура и дека не најавува некаква амнестија од негова страна на осудените за овој крвав настан.

Дилемата сега е – дали направи гаф шефот на државата, дали ја манипулира опозицијата или пушти пробен балон во јавноста за евентуално драстично намалување на казните на ретките што беа осудени за најкрвавиот настан во историјата на државата, пострашен и од војната во 2001, бидејќи се случи во најдемократската институција? Тој дури и му даде за право на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

„Јас првично ги прашував луѓето околу мене за какво кривично дело се гонат. Јас знам дека такво кривично дело, мислам формулација, немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, тврдам дека тие луѓе што влегоа не беа терористи“, рече Пендаровски. Според него, не се терористи ниту оние кои физички напаѓаа луѓе, сугерирајќи дека тие треба да одговараат за претепување, како тие на Зијадин Села и Радмила Шекеринска. Генерално, рече тој,  за организирање на таков настан 18 години затворска казна се многу.

Паралелно, на друг ТВ канал, Мицкоски обвини дека Македонија е „единствената НАТО-држава и кандидат за членка во ЕУ со 35 терористи“, што е тотално незнаење или ноторна лага, бидејќи во САД и низ Европа има многу осудени за тероризам, и увозен и од дома.

„Ако мене ми го поставите прашањето дали овие луѓе беа испровоцирани и емотивно изреагираа, одговорот мој ќе биде – да, беа испровоцирани и емотивно изреагираа. Дали влегоа во парламентот, а не требаше, мојот одговор е – да. Дали имаше насилство – да, и не го оправдувам насилството. И по стоти пат ќе го кажам тоа, но дали треба да одговараат за тероризам, одговорот е – не“, рече Мицкоски.

Утрово пак , неговата партија побрза да ја искористи оценката на Пендаровски порачувајќи – ако може да се повтори судењето за „Монструм“, зошто да не може и тоа за 27 април? Прашањето е, пак, ако се толку уверени дека се во право и дека осудените не заслужуваат вакви казни, зошто овие случаи не ги туркаат во Стразбур, туку бараат нови пресуди тука? Очигледно, бидејќи веруваат во моќта на политичкиот пазар или на политичката уцена – со некоја афера, блокада или ново насилство.

И што е уште побанално, Мицкоски го обвини СДСМ дека води хајка против неистомислениците на Зоран Заев, иако се осудени главно силеџиите и тие што се обидоа да ги убијат лидерот на тогашната опозиција и Зијадин Села. Она што најмногу шокираше од изјавата на шефот на државата е ставот дека тие што употребија физичко насилство во парламентот требало да одговараат евентуално за претепување, сведувајќи го обидот за државен удар и за насилно преземање на власта (што сите го видовме на телевизија) на обична тепачка. Без оглед како е формулирано делото, на крајот на краиштата, тие што ги осудија си ги заслужија досудените долги години робија, дотолку повеќе што формално се осудени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”, дело за кое и без тоа „терористичко“ следува висока казна.

Во судскиот процес, на кој му претходеше широка амнестија и за кој се води уште еден судски спор (за организаторите), највисоката изречена казна беше 16 години затвор, или вкупно на 16 обвинети – 188 години затвор. Колку и да звучат многу и колку и да звучат страшно, толку страшно беше и тоа што го доживеавме на 27 април, дотолку повеќе што можеше да успее превратот и да ескалира до граѓанска војна.

И сега политиката повторно сака да му пресуди на судството, со изјави како оваа вчера, по која само ќе се зголемат сомневањата дека Македонија во скоро време ќе стане правна држава.

Споредбата како со ваквиот речиси идентичен настан се справуваат САД, а како се соправуваме ние, го покажува тоа најдобро. Откако тогашниот претседателот Доналд Трамп тргна по паметот на Никола Груевски и почна да ги повикува „патриотите“ да спречат да им биде одземена победата (што не ја ни освои), за да ја спасуваат државата од тие што не ја заслужуваат, во САД се покренаа над 500 обвиненија, а само 100 дена по упадот во Конгресот завршен е првиот судски процес и се чека изрекување на пресудата за сторено дело „попречување на службен настан“ и „влегување во рестриктивна област“, за што се очекува казна до – 30 години затвор. Американските функционери упадот во Конресот го прогласија веќе  за „акт на домашен тероризам“, а обвиненијата за повеќето се „незаконско однесување“, „заговорничко конспиративно здружување“ (кое се објаснува како заговор за уривање на легално избрана влада со казна до 20 години затвор), присуство во недозволена област, насилен упад и слично, при што на повеќето од учесниците  им се препишуваат повеќе дела.

Обвиненијата одат дотаму што има обвинети и за носење на знамето на Конфедерацијата, за земање на микрофонот на Неси Пелоси, за седење во нејзината канцеларија, за крадење лап топ, за носење оружје, а еден пожарникар  е отпуштен експресно од работа и му е сопрена платата бидејќи зел боледување за да оди на протестот. И на крај памет не им е да размислуваат дали биле емотивни, сентиментални, изманипулирани, дали само тепале или имале и други намери…

Паралелно на овие судења без преседан во американската судска пракса се направи тотален ветинг на полицијата (дали некој од нив учествувал во упадот на Конгресот и дали е поврзан на било каков начин со екстремисти), се организираше сослушување во Конгресот кој потфрлил во спречувањето на нападот и се испитува работата на ФБИ, за да се отстрани било каква можност да има повторување на скандалот.

Медиумите во САД јавуваат дека од 6 јануари секој ден се апси по некој поврзан со овој настан, без оглед дали придонел за еден од петте смртни случаи или само носел капа со екстремистичка или расистичка порака. Се спаси само Трамп кому му беше покренат импичмент, но го заштитија републиканците, бидејќи неговиот срам е и нивен.

Тие што ја водат истрагата порачаа дека дека „некои од луѓето кои дошле во Вашингтон имале планови и намери да изведат најлош вид на насилство – домашен тероризам“, иако и тие како нашите „патриоти“ тврдеа дека дошле само да протестираат. И како најголемо злосторство се смета тоа што демократски избрани политичари биле жртви на настанот, исто како што беше случај во Македонија. И тоа што им е јасно на американските органи, дека целта била насилно спречување на трансфер на власта, овде се разводнува и банализира до степен да заврши како обичен упад и претепување.

Инаку, судскиот процес за 27 април беше е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година беа помилувани 15 лица. Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која ја потврди и Апелацискиот суд. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Во моментов, пак, пред Основниот кривичен суд во Скопје се води судски процес и за организаторите на настаните од 27 април 2017 година, за што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги обвини поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. И тие се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Со нив во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ескразузнавачот Никола Бошковски, но тие ќе станат обвинети кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.

Апелацискиот суд им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени доделени се 188 години затвор, при што на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, му се намали казната од 18 на 16 години затвор. Сите во овој судски процес се гонеа за делото „терористичко загрозување за уставниот поредок и безбедноста“. Во него беа опфатени лица од МВР, лица од патриотските здруженија, вработени во собраниското обезбедување…