Напорите на коaлицијата треба да продолжат во иста насока, оценува Ахмети


Цениме дека напорите на нашата коалиција треба да продолжат и да останат во иста насока, поддржана од граѓаните и меѓународната заедница, напиша лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот профил на Фејсбук по средбата во Владата со премиерот и коалициски партнер Зоран Заев.

На средбата со Заев зборувале за првите 100 дена од формирањето на Владата и за понатамошните чекори кои што ќе бидат преземени.

– Грижата за јавното здравје и борбата со Ковид-19, помошта за економијата, поддршката за претпријатијата и платите на работниците, меѓувладината конференција со Европската Унија и контекстот со Договорот за добрососедство, беа главните теми кои ги дискутиравме заедно, наведе Ахмети.

Претходно, исто така во објава на Фејсбук Заев наведе после 100 дена од мандатот на Владата со Ахмети направиле пресек на сработеното и остварените резултати на централната власт и на парламентарното мнозинство.

-Имаме Влада на граѓаните, стабилна, бидејќи се потпира на здрави вредности, на грижа за другиот, на разбирање и поддршка во тешки моменти. Имаме Влада која е сериозно посветена на правната држава, на економијата и на справувањето со пандемијата, напиша Заев, наведувајќи и дека во пресрет на денешниот состанок на широката владина коалиција му искажал благодарност на Ахмети за поддршката  во процесот на преговори со Бугарија.