Напнато во Израел – денеска почнува судењето на Нетанјаху


Ерусалим – Судењето за корупција на Бенјамин Нетанјаху се отвора во недела во судот во Ерусалим, каде тој ќе стане првиот израелски премиер што е на функција кој се соочува со кривично гонење, во случајот кој тој го нарече политички лов на вештерки.

Од Нетанјаху беше побарано да се појави на седницата во Окружниот суд во Ерусалим, една недела откако тој положи заклетва за рекорден петти мандат како шеф на владата на обединување, ставајќи крај на повеќе од една година политички ќор-сокак по три избори кои донесоа пат ситуација.

Тој беше обвинет во ноември за мито, измама и кршење на доверба во три случаи во кои се вклучени подароци од пријатели милионери и за наводно барање регулаторна поволност за медиумските магнати во замена за поволно медиумско покривање.

Осудувајќи ги коментарите дадени од неколку високи министри на Ликуд и пратеници против правосудниот систем, лидерот на опозицијата Јаир Лапид вели дека премиерот поттикнува граѓанска војна.

„Поттикнувањето на Нетанјаху и на неговите луѓе против правосудниот систем е лажно, опасно, насилно и ја премина секоја линија. Нетанјаху се обидува да нè поттикне и да нè доведе во граѓанска војна за да се спаси од судење“, напиша Лапид на Твитер.

Околу 500 демонстранти досега се собраа во Ерусалим на два спротивставени протести пред почетокот на судењето на Нетанјаху. Надвор од ерусалимскиот окружен суд демонстрантите про-Нетанјаху протестираат против судскиот систем што го одвел на клупата на обвинетиот.

„Драјфус процес: Манделблит стил“, се вели во еден натпис, што се однесува на јавниот обвинител Авичаи Манделблит, кој ги поднесе обвиненијата против Нетанјаху.

„Оставка, Манделблит“, пишува на други плакати.

Организаторите на про-Нетанјаху митингот велат дека 50 автобуси се на пат за Ерусалим.

Надвор од куќата на премиерот на улицата „Балфур“, демонстрантите против Нетанјаху го повикуваат тој да си даде оставка. Тие го раширија транспарентот „Министер за злосторства“ од 50 метри, што се гледаше на многу претходни митинзи против-Нетанјаху.

Полицијата соопшти дека затворила неколку улици околу судот и домот на премиерот и ги вложува сите напори „да дозволат слобода на изразување за сите страни“.

Како премиер, Нетанјаху нема никаква законска обврска да си даде оставка и тој рече дека неговата судска битка нема да влијае врз неговата способност да ја заврши својата работа.

Совет од тројца судии ќе го води неговиот случај. Во средата, советот го отфрли неговото барање да не се појави на почетната сесија.

Барајќи да биде изземен, Нетанјаху го нарече настанот формалност и тврдеше дека носењето на неговиот контингент телохранители ќе потроши јавни средства и ќе го отежне исполнувањето на правилата за социјално дистанцирање.

Некои критичари велат дека Нетанјаху се обидува да ја избегне оптиката на премиер што седи на обвинителна клупа.

Одбивајќи го неговото барање, судот рече дека е важно правдата да се види како се спроведува.

Пред шест години, поранешниот премиер Ехуд Олмерт беше прогласен за виновен за примање мито и одлежа 16 месеци во затвор. Неговото судење се одржа по неговиот мандат 2006-2009 година. (Според агенциите)