Напната трка за Сенатот: дали републиканците ги губат Колорадо, Мејн и Џорџија?
Во првиот вторник по првиот понеделник во 2020 година, покрај претседателските избори, во Америка ќе се одржат редовните двогодишни избори за Претставничкиот дом, како и избори за една третина од членовите на Сенатот. Иако сите погледи на јавноста се насочени кон претседателските избори, кои се сметаат за планетарен настан, важноста на изборите за Сенатот оваа година не треба да се потценува. Имено, едно е јасно оваа година: Демократите се обидуваат да го вратат мнозинството во Сенатот. Соодветно на тоа, постојат неколку потенцијални сојузни држави во кои може да дојде до промени, но исто така, и неколку, во кои трката е целосно неизвесна.
Држави во кои демократите се поблиску до победа
Колорадо, Мејн и Џорџија се издвојуваат како потенцијални држави во кои е можна демократска победа и „преземање“ на – во моментов – републиканските места. Републиканскиот кандидат во Колорадо, Кори Гарднер, бележи полоши резултати во последно време во споредба со противникот од таборот на демократите. Интересно е што Гарднер се рекламира на, може да се каже, нетипичен начин. Во неговото последно видео во траење од една минута, дури дваесет секунди од истото е клип на еден од говорите на Кенеди. Дополнително, иако тој покажа голема согласност со ставовите на претседателот Трамп, се чини дека овој сенатор се обидуваше да се дистанцира од Трамп во последно време, а меѓу првите републиканци тој се залагаше за втор круг помош за погодените од коронавирусот. Исто така, во 2019 година, тој беше еден од осумте сенатори кои се залагаа за закон за одобрување со дветретско мнозинство во Сенатот, преку кој може да се спречи претседателот Трамп да ги повлече САД од НАТО. Гарднер ќе се соочи со демократскиот кандидат Џон Хикенлупер. Според сегашните анкети на порталот FiveThirtyEight, предноста на поранешниот гувернер Хикенлупер варира од 5 процети до 10 проценти. Интересно е што Независната комисија за етика го казни Хикенлупер во јуни 2020 година за двапати кршење на забраната за прифаќање подароци додека бил гувернер, а сепак врз основа на анкетите, се чини дека граѓаните имаат доверба во него.
Во државата Мејн ситуацијата е многу слична. Актуелната сенаторка од Републиканската партија Сузан Колинс во моментов е во најтешка борба за реизбор во нејзината кариера и се бори за својот петти мандат. Колинс во моментов не е во добри односи со претседателот Трамп. Ова може да се види од неодамнешниот твит на Трамп во кој тој напиша дека Колинс „не е вредна за трудот“. Тоа го покажа и со тоа што беше единствената меѓу републиканците која не гласаше за избор на Ејми Кони Барет за судија во Врховниот суд на САД. Ако сака да го задржи своето место во Сенатот, Колинс мора да ги придобие традиционалните конзервативни гласачи и да спречи одлив на повозрасните луѓе. Нејзина противкандидатка е Сара Гидеон од Демократската партија. Според сегашните анкети на јавното мислење, Сара Гидеон води со разлика од над 5 проценти, што воопшто не е занемарлива предност.
Џорџија: борба на два фронта
Џорџија е меѓу најважните држави на овогодинешните избори за Сенатот од едноставна причина што се избираат и обете сенаторски места. Двајцата актуелни сенатори во оваа држава се републиканци и важно е да се напомене дека Дејвид Пердjу се бори за свој реизбор, додека Кели Лефлер се натпреварува на специјални избори. Лефлер го освои сенаторското место благодарение на гувернерот Брајан Кемп, кој ја постави на оваа позиција по оставката на Џони Ајзаксон, кој се повлече на крајот на минатата година поради здравствени причини.
Противник на Перjду е Џон Ософ, млад продуцент и новинар, член на Демократската партија. Ософ долго време се занимава со политика и веќе учествуваше на изборите за претставник на Шестиот конгресен округ во Џорџија во 2017 година, но загуби. Оваа година тој е во трка за сенаторско место, а според анкетите на јавното мислење, нивото на поддршка за кандидатите варира. Постојат истражувања кои покажуваат дека Ософ заостанува 6 проценти, но и такви кои покажуваат неговата предност од 5 отсто. Нема сомнение дека победникот нема да биде сигурен до самиот крај. Трката за второто место во оваа сојузна држава е уште поинтересна. Покрај Кели Лофлер, во трката учествува уште еден републиканец Даг Колинс, додека кандидат на Демократите е Рафаел Варнок, протестантски свештеник. Актуелната состојба во оваа земја покажува убедливо водство на свештеникот Варнок, кој води дури и со двоцифрена разлика.
Според досегашните истражувања, овие сојузни држави се препознаени како најверојатни во кои Демократската партија може да победи, но тие не се единствените. Во неколку од нив, трката е толку неизвесна и резултатите е речиси невозможно да се предвидат. Некои од овие држави се Мичиген, Јужна и Северна Каролина, Аризона. Покрај тоа, треба да се напомене дека некои од овие држави имаат уште едно значење, а тоа е дека тие се признати како колебливи (свинг) држави, кои имаат клучна улога на национално ниво, односно на претседателските избори на 3 ноември. (americki-izbori.rs)