Напливот на англискиот јазик му штети на македонскиот – ја менува дури и структурата

Англискиот јазик, неговата употреба, сѐ почестата употреба на англизми му штетат на македонскиот јазик, а се забележува и дека почнуваат да ја менуваат структурата, што според професорката Искра Пановска-Димкова е опасно.
– Главниот предизвик со којшто се соочува македонскиот јазик е големиот наплив на англискиот јазик, со којшто ние тешко можеме да се справиме, затоа што на дневно ниво англизмите влегуваат во огромен број. Не можеме ниту да ги попишеме, да видиме со колкав број се соочуваме. Тука и не завршува работата, туку англискиот, за жал, почнува да влијае и врз структурата на јазикот, што е многу поопасно, отколку овие површинскиве лексеми што влегуваат, коишто на крајот на краиштата можат и да се заменат. Значи тука е потребно едно поголемо подигање на свеста дека стоиме пред голем предизвик, особено за овој предизвик што го споменав, дека веќе навлекгува во структурата на јазикот и тоа е нешто што е опасно – рече проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Kатедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“ во Скопје.
Според неа, одговорноста е на говорителите и на државата. Не треба, според неа, да има посебни емисии за граматичките правила, туку да се земат познати личности, да се охрабрат кога зборуваат да користата македонски јазик.
Инспекторатот за македонски јазик е една од подобрите новини што ги носи овој закон за употреба на македонскиот јазик, но не и единствената.
– Тука беа и задолжителните вработувања на лектори, по сите јавни институции, по медиумите, потоа стипендии за студенти да студираат македонистика, се воведе награда „Блаже Конески“ за исклучителни постигања во македонистиката, Национална стратегија што треба да се подготви – вели професорката Пановска-Димкова.
Очекува поголем број на студенти по македонски јазик, откако законот е на сила, затоа што идните студенти размислуваат за вработување. Во моментот има дваесетина студенти, кои го изучуваат македонскиот јазик.
Смета дека новиот закон можеби ќе ги охрабри студентите да се запишуваат на лингвистичките гранки на факултетите, но да не се очекуваат огромните бројки од порано. Затоа што тие што ќе се запишат, навистина сакаат да го изучуваат македонскиот јазик.
Додава дека, трендот на незаинтересираноста на студентите да изучуваат јазици е светски, не само кај нас, и тоа особено помала е заинтересираноста да се изучува мајчиниот јазик.