Напаѓач маскиран како доставувач убил син на американска федерална судијка


Напаѓач маскиран како доставувач на Федекс, пукал и го убил 20-годишниот син на американската федерална судијка Естер Салас.

Синот вчера ја отвори вратата за наводниот доставувач од нивниот семеен дом во Њу Џерси, а во нападот е ранет и сопругот на судијката.

Инцидентот се случил во северен Бранзвик, каде што се наоѓа куќата на Салас, која за време на нападот била во подрумот и не е повредена.

Полицијата сè уште трага по сторителот, пишува „Гардијан“.

Салас беше назначена за сојузен судија од тогашниот претседател Барак Обама, што беше официјално потврдено во 2011 година. Нејзиниот најзначаен случај во последниве години беше финансиска измама во која беа вклучени ѕвездите на реалното шоу „Вистински домаќинки на Њу Џерси“ Тереза ​​и Џо Гајдис, кои Салас ги осуди на затворска казна.

Во 2017 година, го отфрли барањето на сојузните обвинители за смртна казна за наводниот водач на банда, обвинет за неколку смртни случаи во Њуарк. Во пресудата, таа наведе дека мажот поради неговиот интелектуален инвалидитет не е за смртна казна и го осуди на 45 години затвор.

Неодамна, Салас претседаваше со тужбата поднесена од инвеститорите на Дојче Банк. Инвеститорите тврдеа дека банката лажно ги претставувала своите правила против перење пари и не успеала да ги следи „ризичните“ клиенти, меѓу кои е и осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.