Нападот врз сопругот на Ненси Пелоси не е случаен, тврди полицијата во Сан Франциско


САД – Нападот врз Пол Пелоси, сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во нивниот дом во Сан Франциско не бил случаен, соопшти полицијата.

-Тоа не беше случаен акт. Тоа беше намерен напад, изјави синоќа на прес конференција началникот на полицијата во Сан Франциско, Вилијам Скот, одбивајќи да ги коментира можните мотиви за нападот.

Пол Пелоси беше нападнат вчера во неговиот дом во Сан Франциско, а канцеларијата на неговата сопруга соопшти дека по физичкиот напад бил успешно опериран.

Американскиот претседател Џозеф Бајден го нарече „ужасен“ нападот врз Пол Пелоси, сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, и рече дека сите оние кои шират лаги за украдени избори ја контаминираат политичката клима и придонесуваат за политички мотивирано насилство.

Бајден вчера ѝ се придружи на потпретседателката Камала Харис во едно од ретките заеднички појавувања, на настан во Пенсилванија.

-Што е многу, многу е. Секој совесен човек треба јасно и недвосмислено да застане против насилството во нашата политика, без разлика на политичката определба. Демократијата буквално, а не фигуративно, годинава е на тест, кажа Бајден, алудирајќи на претстојните парламентарни избори на 8 ноември и предупредувајќи на опасностите од екстремизмот.

Бајден кажа и дека полицијата има индиции дека нападот врз Пол Пелоси всушност бил насочен кон Ненси и рече дека напаѓачот со чекан извикал „каде е Ненси?“ – што можело да се слушне и од приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп за време на смртоносните немири во Капитол на 6  јануари минатата година, додаваат британските медиуми.