Нападот на Барса против најсилната европска одбрана


Лео Меси во понеделникот започна со тренинзи по еднонеделната пауза поради повредата на мечот со Вилјареал, но и натаму е неизвесен за вечерашниот меч од Лигата на шампионите против Интер. Екипата од Милано доаѓа на „Ноу Камп“ со епитетот „тим со најдобра одбрана во фудбалска Европа“, имајќи предвид дека сезонава примија само три гола во седумте меча (шест во првенството и еден во ЛШ) што е помалку од било која друга екипа од најсилните пет фудбалски лиги на стариот континент.

Различно е и расположението во двата табори. Барселона никако да заигра во препознатлив стил, во осумте меча сезонава има четири победи, два порази и два нерешени резултати. Во првенството по седум кола има 13 бода, два помалку зад Реал Мадрид. Во ЛШ одигра реми без голови во Дортмунд и сигурно дека вечерва ќе атакува на победа со или без сјајниот Аргентинец.

Но, каталонскиот гигант се занимава и со внатрешни пресметки. По мечот со Хетафе и победата од 2-0, капитенот Жерард Пике беше лут поради написите во весниците дека ја губи контролата и моќта во соблекувалната.

Добро се познаваме сите во клубот, ги познаваме весниците и знаеме кој ги пишува текстовите, па макар и потпишани со друго име“, рече Пике, алудирајќи на управата на клубот, поради што беше викнат на „информативен разговор“.

Од друга страна, Интер има само еден кикс сезонава и тоа во првото коло од ЛШ кога на свој терен одигра 1-1 со Славија Прага. Во шесте меча од првенството има максимален ефект од шест победи, поради што во Милано се разбуди страста дека Јувентус конечно може да биде тргнат од тронот.

Токму тимот од Торино е следен противник на „сино-црните“ во италијанскиот шампионат, што значи дека Интер го чека стравотен распоред: прво Барса на гости, па во недела Јувентус дома.

Сакаме да победуваме на сите натпревари каде што ќе се појавиме. Сега сме сконцентрирани единствено на Барселона, сакаме во Милано да донесеме некој бод по разочарувачкото реми со Славија. Се подготвуваме најдобро што умееме, а за Јувентус ќе почнеме да размислуваме откако судијата ќе го отсвири крај на мечот на ‘Ноу Камп’“, вели фудбалерот од средниот ред, Роберто Гаљардини.

Обложувачниците сметаат дека шпанскиот шампион е голем фаворит, па победата на домаќинот ја вреднуваат со коефициент од 1.60, за ремито даваат 4.25, а за триумг на гостите се добиваат 5.25 повеќе од вложеното.

Интер и Барселона се сретнаа и во минатогодишното издание на ЛШ. Мечот во Италија заврши нерешено 1-1, а во Каталонија славеа домаќините со 2-0. Интересно, на тој меч не играше Меси поради повреда.

Генк – Наполи (18.55 часот), Славија Прага – Борусија Дортмунд (18.55ч.), Барселона – Интер (21ч.), Лил – Челзи (21ч.), Ливерпул – Салцбург (21ч.), Ред Бул Лајпциг – Лион (21ч.), Валенсија – Ајакс (21ч.), Зенит – Бенфика (21ч.)