Нападната медицинска сеста во болницата во Куманово, од Унијата бараат мерки


Откако вчера беше нападната медицинска сестра на инфективното одделение во кумановската болница, од Унијата на ЗМСТАС, предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“  го осудија нападот и побараа соодветни мерки.

– Ова е уште еден случај во низата на немили настани кои се случуваат години наназад, и за кои Унијата постојано апелира дека покрај сите проблеми со кои сестринството се соочува во својата професија, условите за безбедност мора да бидат на највисоко ниво. Не можеме да кажеме дека вакви несакани случувања нема да се повторат и во иднина. Затоа го потенцираме моментот дека треба да се пронајдат решенија, а не само јавно истакнување на проблемот – велат од ЗМСТАС.

Унијата смета дека е потребно да се води евиденција и да постои тек на постапка за ваквиот тип на немили настани. Да се задолжи институтот за јавно здравје да понуди решение, кој патем имаше трудови за синдромот на согорување, стресот и безбедноста на работното место. Да се овозможат рехабилитации, продолжени годишни одмори и платени специјалистички прегледи.

Сметаат дека реакциите по основ на овие случувања не се доволни. Безбедноста на медицинските сестри на работното место е од круцијално значење за целиот здравствен систем.

Инаку, според полицискиот билтен, во четвртокот во 1.40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ф.Ј.(38) од Куманово, затоа што со остар предмет нападнал и повредил вработена на Инфективното одделение во Општата болница Куманово. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.