Напад во француско училиште. Наставникот е убиен, напаѓачот извикал „Алаху акбар“


Наставник е убиен во напад со нож во училиште во северниот француски град Арас, а истрагата е предадена на обвинителството за борба против тероризмот. Властите во департманот Па-де-Кале соопштија дека напаѓачот, кој рани уште еден наставник и припадник на училишното обезбедување, е уапсен.

Осомничениот е Чеченец роден во Русија и е поранешен ученик во средното училиште „Гамбета“, каде што се случи нападот, изјави полициски извор. Тој беше на списокот на луѓе за кои се знае дека претставуваат потенцијален безбедносен ризик поврзан со радикалниот исламизам, додаде полицискиот извор.

Полицијата не можеше да ги потврди извештаите на локалните медиуми дека тој извикал „Алаху Акбар“. ТВ БФМ јавува дека има околу 20 години. БФМ наведува и дека убиениот наставник предавал француски јазик, додека наставникот по физичко е повреден.

Учениците беа затворени во училниците, се додава. Претседателот Емануел Макрон замина за Арас, соопшти неговиот кабинет. Во телевизиското обраќање до нацијата во четвртокот, Макрон ги повика Французите да останат обединети и да се воздржат од внесување на конфликтот Израел-Хамас во земјата.

Засега нема индикации дека овој напад е поврзан со настаните во Израел и во Појасот Газа, изјави за Ројтерс друг полициски извор.

Француските обвинители за борба против тероризмот соопштија дека отвораат истрага за нападот. Уапсен е и братот на осомничениот напаѓач. Весникот La Voix du Nord вели дека учениците во сите училишта во Арас – град во деиндустријализираниот, етнички разновиден север на Франција – се задржани во нивните училници од безбедносни причини.

Франција беше цел на серија исламистички напади во последниве години, од кои најлошиот беше симултаниот напад од вооружени лица и бомбаши самоубијци на клубови и кафулиња во Париз во ноември 2015 година. Во 2020 година, чеченски тинејџер го обезглави учителот Самуел Пати поради карикатури на пророкот Мухамед за време на часот, за слободата на изразување.