Намичева: Старата скопска чаршија се деградира до степен на непрепознатливост


Фото: Б. Грданоски

-Скопје е денес град во кој е ампутиран најголемиот дел од неговата архитектонска физиономија градена со столетија. Град кој, за жал, приличи на детските боенки каде еден нацртал глава од слон, а другиот додал тело од зебра. Сликата за градот стана уште поискривоколчена со атакот од стиропорните новокомпонирани згради од „Скопје 2014“, со што на градот, кому историската судбина не му дозволила да го одминат природните катастрофи, земјотреси, поплави, пожари и воени разурнувања, му беше додадена и судбината да биде најисмеван град од светската архитектонска заедница. Град во кој, за жал, постои недоволно чувство и политика за зачувување, обновување и заштита на вистинското архитектонското наследство, независно дали станува збор за оние објекти создадени по 1963 година по стандардите на модерната архитектонска мисла или пак за оние кои биле подигнати пред стотина години, а кои всушност еднакво се важни во исцртувањето на одната линија на развојот на градот.

Фото: Б. Грданоски

Сведоци сме на тивко разјадување на ионака малиот број преостанати објекти кои можеа да ја раскажуваат богатата градежна традиција на градот и деградирање на старата скопска чаршија до степен на непрепознатливост. Секаде во светот експертите за архитектонско наследство се трудат да ги истражат и реконструираат историските објекти до степен на примена на автентични материјали и градежни техники, додека кај нас несериозниот приод е пресликан во денешниот несоодветен изглед на Старата чаршија, вели Јасминка Намичева, кустос-советник и архитект во Музејот на град Скопје, во обемното интервју за „Независен“,  по повод 57 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. (Л.С.)