За Николоски малите партии се понижувале самите себеси


 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во расправата за изборот на новата влада ги нападна помалите партии кои ја поддржуваат владата обвинувајќи дека се понижувале самите себеси. Тој посебно ги наведе ДОМ, ЛДП, ВМРО-Народна, ДС, ДПТ и рече дека тие биле во владата само поради две работи: или биле уценети или биле криминализирани па немале избор.

„Нема друго образложение за ваквото понижување што си го правите на самите себеси. Затоа ве поттикнувам сами да излезете на следните избори да видите што мисли народот за вас затоа што поддржувате ваква влада и вакви политики“, рече Николоски.

Наместо за излагањето на мандаторот Димитар Ковачевски и за приоритетите кои тој ги посочи, Николоски главниот акцент го стави врз барањето за нови предвремени избори.  За него , новата влада на Ковачевски е континуитет на корумпираната влада на Заев која граѓаните ја казнија на избори, влада која донесе економско опустошување, континуирана ситуација на дневно поскапување, губење на работни места и економско тонење.

„На неодамнешните избори јасно беше кажано од Заев дека се all in и избори на кои се одлучува за легимитетот негов, неговата влада и партија и народот жестоко го казни. Ние сме денес овде затоа што поразена е секоја политика на Зоран Заев, ние сме овде затоа што народот жестоко ги порази националните понижување, жестоко ја порази корупцијата, неспособноста и економските потфрлувања. Затоа Зоран Зоран заминува, но немаше храброст да ја извади својата партија на соочување со народот за генералниот концепт по кој државата треба да се движи. Скоро и да нема пример да вака вештачки се бега од народот“, рече Николоски.

За Николовски, преложената влада нема решенија за битката со корупцијата, економската и енергетската криза и европските интеграции.

„Затоа единствено решение за брзи предвремени избори. Сето останато е бегање од народот“, рече Николоски додавајќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ  нема да ја поддржат оваа влада