Наместо за кафани и патувања, Герасимовски ќе потроши 700 000 денари за ранливи семејства


Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, средствата за репрезентација, угостителски услуги и патувања во странство, кои беа предвидени во годинешниот буџет, а останаа непотрошени, ги пренасочува како еднократна парична помош за семејствата од социјален ризик. Како што информираат од Општината, станува збор за средства во висина од околу 700.000 денари.

-Општина Центар има градоначалник кој целата измината година не трошеше за репрезентативни трошоци, ниту на оние непопуларни трошоци за кафеана, патувања во странство, но и службен автомобил затоа што јас сум вљубеник на велосипедот и секојдневно го користам како превозно средство. Овие мои практики донесоа заштеда во општинскиот буџет од околу 700.000 денари. Во пресрет на новогодишните и божиќните празници средствата ги прераспределуваме како финансиска помош за социјално загрозените семејства од нашата општина. Секој граѓанин заслужува достоинствено пречекување на празниците и ние обезбедуваме подобри услови за да го овозможиме тоа – вели Герасимовски.

-Непродуктивните трошоци кои служат за лични привилегии не се наша одлика и немаат никаков директен бенефит за сите нас. Затоа, ставаме крај на недомаќинското работење и ги отстрануваме непотребните трошоци – додаде Герасимовски.