Наместо во затвор, сите на лекување: Мијалков немал конзилијарно мислење


Сите обвинети кои не можеа да останат бремени, се разболеа. Оваa шега, која се врти низ социјалните мрежи, ја отсликува здравствената состојба на звучните имиња од политичката елита кои треба да одат во затвор или се веќе таму. Последен во болница заврши обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13. Вчера попладне со полициска придружба тој беше донесен во Ургентниот центар во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да направи контрола, односно подготовка за веќе закажана втора операција. Иако и втората операција Боки требало да ја направи во приватната болница која се поврзува со Орце Камчев, самиот побарал да му биде направен преглед во државна болница и таму да ја направи операцијата.

Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Есад Рахиќ, вели дека тој има право како притворено лице да побара да му биде одобрено да изврши преглед. Ако прегледот не може да биде направен во државна болница, судот пак ќе одлучува дали Јовановски може да се прегледа во приватна болница, каде треба да биде опериран. Шпекулациите во јавноста се дека Јовановски направил операција за стеснување на желудникот во приватна болница која се поврзува токму со Камчев, од кој Јовановски зел рекет. Приватната болница го тужи Јовановски бидејќи не ја платил операцијата, па втората операција можно е да ја прави на државна сметка.

Во приватна болница се лекуваше и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески на кого му беше одреден притвор за нелегална продажба на државно земјиште, случај којшто го отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Иако неговите адвокати тврдеа дека мора да оди итно на операција на срцето, тој по направените испитувања е вратен во Истражниот затвор во Шутка. Според информациите од затворот, здравствената состојба на Јанакиески е стабилна, му биле направени испитувања, но не и хируршка интервенција, односно операција.

Пред да оди во затвор се разболе и бизнисменот Сеад Кочан. Неколку дена пред 17 јули, датумот што беше одреден за Кочан да почне со издржување на затворската казна, тој беше примен во приватна болница и достави медицинска документација до судот со која побара да му биде одложено издржувањето на казната. Судија за извршување на санкции ја разгледа документацијата и го одби неговото барање, но тој поднесе жалба и до Кривичниот совет, кој деновиве треба да донесе конечна одлука дали ќе му ја одложи казната затвор од четири години и осум месеци на бизнисменот.

Кривичниот совет треба да донесе одлука и за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков дали ќе му го врати пасошот или не, кој Мијалков го побарал бидејќи, наводно, имал закажано операција на хранопровод во странство. Неговата одбрана тврди дека имаат документ од клиника во кој стои дека таква операција во Македонија не може да биде извршена.

Според нашите информации, Мијалков воопшто не бил прегледан на Клиниката за гастро-ентерохепатологија во Скопје, иако неговите бранители на 8 јуни побарале одговор од клиниката дали таму се врши некоја метода која треба да ги реши проблемите што ги имал со желудникот и хранопроводот. Сепак од Клиниката се категорични дека тие немале пациент со такво име и презиме и дека за него немаат дадено конзилијарно мислење што се дава за лекување во странство. Тие единствено дале одговор на барањето дали на нивната клиника се прави таква метода, но и објасниле дека за да се направи таква метода, треба да се направи проценка дали има потреба.

„Не е дадено конзилијарно мислење, има само мислење дали се работи методата кај нас. За да се добие било какво конкретно мислење за одреден човек, правилото на клиниката е човекот да биде прегледан, евалуиран на клиниката и стручниот колегиум да се изјасни за потреба за понатамошно  лекување“, велат од Клиниката во разговор за „Независен весник“.

Фетиме Фетаи, обвинителката која го води предметот „Титаник 2“ за кој му беше одземен пасошот на Мијалков. дала негативно мислење бидејќи неофицијално, во ниту еден документ не стоело дека мора  итно и неодложно да се оперира надвор од Македонија. Сепак конечната одлука за тоа дали ќе му биде вратен пасошот на Мијалков ќе ја донесе судот. СЈО му го врати пасошот и на Цветан Панделески кој исто така е под истрага за предметот „Империја“, за да се лекува во странство.

Засега сите осомничени се достапни на органите на прогонот. Но, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, иако има правосилна судска пресуда, не замина во затвор. Прво ја одложи затворската казна поради нејзиното мало бебе, а сега извршувањето е на пауза, додека Врховниот суд да ја преиспита првостепената пресуда.

Медицинската документација го спаси и осудениот за убиството на Мартин Нешковски. Игор Спасов веќе една година е на слобода, наместо во затворот Идризово, каде ја издржуваше затворската казна од 14 години.

„Болните затвореници се грижа на Министерството за здравство, преку јавно здравствените установи во местото каде е установата. Тие имаат ист пристап како и слободните граѓани. Но, како што има проблеми во јавното здравство така има проблеми и за затворениците. Одлуката дали некој ќе излезе од затвор заради болест ја носи судијата за извршување на санкции“, велат од Управата за извршување на санкции.

Фросина Факова-Серафиновиќ