Наместо со картички помошта на ранливите категории граѓани ќе оди преку транскациски сметки

Ранливите категории на граѓани и пензионерите со ниски примања средства од помошта во рамки на четвртиот пакет мерки ќе ги добиваат директно на транскациски сметки, а не на платежни картички како што беше претходно.

Целта на ваквата одлука, како што информираа на денешната прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи, Соња Лукаровска, е да се намалат турканиците на шалтерите, со што ќе се придонесе за грижата за здравјето на овие лица во услови на ковидкризата.

Бесими појасни и дека на овој начин ќе се поедностави начинот на испаќање на средствата од помошта, а воедно ќе се намалат и трошоците кои би биле потребни за изработка и издавање на нови картички.

Одговарајќи на новинарско прашање околу компаниите што ги злоуптребија помошта исплатена од државата за своите вработени, Лукаревска информира дека постапката против нив е во тек и дека Јавното обвинителство побарало дополнителни докази во спроведувањето на истрагата.

Таа нагласи дека на сите компании што не ја исплатија доделената дополнителна помош на своите вработени, УЈП им ги блокирала сметките и на дел од нив веќе им биле повлечени овие средстава од државната помош.

Според Лукревска, имињата на сите компании што ја злоупотребуваат помошта и натаму ќе бидат објавувани, со цел јавноста да ги знае, а воедно и да се поттикнат другите фирми да не прават вакви злоупотреби.