Наместо Регулаторната комисија, цената на струјата ќе ја утврдува „ЕВН Хоум“


Фото: Б. Грданоски

Регулаторната комисија за енергетика ќе проверува, а цената на струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе ја утврдува „ЕВН Хоум“. Ова е предвидено во измените на Законот за енергетика, а ќе почне да се применува од Нова година.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека надлежноста на регулаторот ќе биде да направи проверка, но неизвесно е дали ќе може и да интервенира. Тој објаснува дека ваквиот начин се практикува во речиси сите земји, како и дека освен Македонија, регулаторот ја соопштува цената на струјата уште во Србија и во Косово.

-Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи, објаснува Бислимоски.

Не е познато дали ваквата промена ќе доведе и до зголемување на цената на електричната енергија.

-Регулаторната комисија за енергетика со новата одлука во декември ќе стартува да ја применува ЕУ практиката според која како обврска на регулаторот е дефинирање на тарифите за пренос и дистрибуција, а крајната цена во која влегуваат сите елементи ќе ја соопшти Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум, изјави Бислимоски.

Тој прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но формулата, како што истакнува, е јасна за сите енергетски компании.

Инаку, од 1 декември треба да стартува дневната евтина тарифа на струјата која што ќе биде два часа, односно од 13 до 15 часот.

Новата цена на струјата треба да се донесе до крајот на овој месец, а да ќе важи од почетокот на идната година. 

Вчера во дебатна емисија, Бислимоски рече дека нема да се прават никакви промени кај тарифните блокови, и покрај сугестиите на ММФ.

„РКЕ го носи тарифниот систем и кажува во кој опсег ќе се блок тарифите. Да, има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена, рече Бислимоски за ТВ 24.