Наместо да вработуваат, парите ги пренаменувале: МФ објаснува зошто скратило средства за судството и обвинителството

Парите наменети за нови вработувања во судството и обвинителството останувале нереализирани по што тие си ги пренаменувале парите за плати, велат од Министерството за финансии


Наспроти јавните излагања на претставниците од Судскиот буџетски совет и од Јавното обвинителство, дека со предложениот ребаланс на Буџетот им се скаретни средства со кои се доведува во прашање нивното работење, од Министерството за финансии велат дека кратење има само во делот на новите вработувања, а причината е што вработувањата не биле реализирани онака како што биле буџетирани. Наместо тоа, одобрените средства за таа намена, се пренаменувале во рамките на самите институции.

„Такво нешто повеќе нема да се толерира“, вели министерката за финансии Гордана  Димитриеска-Кочоска. 

Таа денес на брифинг со новинарите посочи дека парите наменети за нови вработувања во судството и обвинителството останувале нереализирани по што тие си ги пренаменувале парите за плати. 

„И кога високо сме буџетирале, сме имале ситуации да не се реализира“, велат од Министерството за финансии, додавајќи дека порастот на буџетот на судството доминира во делот на категории плати.

Министерката Димитриеска-Кочоска на денешната средба со новинарите посочи дека скратен е само делот за вработување затоа што во изминатиот период се покажало дека за ова се двоеле пари од Буџетот, но дека не се вработувале нови кадри.

„И обвинителство и судство има право од 35 проценти додатоци заради ризичност. Тоа не значи дека на нив им следува и дека треба да го земат, имаат право на тоа во одредени такви ситуации. Тие предвидуваат во ставката плати постојано како да ќе вработуваат нови кадри. Никого не вработуваат, тук-таму по некој и потоа си ги пренаменуваат средствата, а нови вработувања нема никаде“, вели Димитриеска-Кочоска. 

Во однос на забелешките од обвинителството и судската власт дека нивните буџети треба да изнесуваат одреден процент од републичкиот Буџет, од Министерството за финансии велат дека нивото на буџетирање во овие две области го задоволува процентот што го имаат другите земји, но дека процентот на ефикасност е низок и дека довербата во судството е ниски два проценти.

„Прво да одговорат зошто се зголемуваат пресудите од Европскиот суд за човекови права каде почнавме да плаќаме огромни суми затоа што не постапувале на време“, велат од Министерството за финансии. 

Од таму додаваат дека тоа најчесто се однесува на пресуди за правото на судење во разумен рок, односно дека се прекршени роковите во кои би требало да се донесе некоја пресуда. Ваквите пресуди на ЕСЧП зачестиле особено во последно време. Така, на пример само во првите шест месеци годинава достигнале износ од 3 милиони евра.

Исто така, како што додаваат од Министерството за финанси, Обвинителството за годинава нема доставено годишен план за вработувања. 

Инаку, минатата недела, на почетокот на комисиската расправа за предлог-ребаланост на Буџетот, претставниците на Судскиот буџетски совет и на државното Јавно обвинителство Силвија Јаневска и Љубомир Коцевски имаа сериозни забелешки за најавените кратења за судската власт и за обвинителството, бидејќи тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.

Така, Силвија Јаневска истакна дека иако согласно законските одредби буџетот за судската власт треба да изнесува 0,8 отсто, таа години наназад е 0,3 отсто од БДП и тоа не е проблеми во смисла на немање основни услови во работењето. Дека судската власт не го добива предвидениот буџет редовно известува и Државниот завод за ревизија во годишните извешати, дополнително согласно Законот за судски буџет при евентуален ребаланс на буџетот, буџетот за судската власт не смее да се намали што не е случај со предложениот ребаланс за 2024 година.

„Буџетот на судската власт со предлог ребалансот е намален за 65.661.000 денари“, рече Јаневска, додавајќи дека намалувањето во најголем дел се однесува на капиталните расходи односно за градежни објекти и за купување опрема, мебел и возила, кои се реализираат за време на судската ферија, поради што дел од планираните зафати нема да се реалзираат како што е реконструкција на шалтер салата во Основниот граѓански суд во Скопје. 

Таа исто така рече дека во преходниот период се обезбедуваа додатоци на плата најчесто во висина од 10 проценти, па необезбедувањето на средствата за додатоци ќе има сериозен негативен ефект кај вработените. Во судската власт инаку се вработени 2.650 лица од кои 373 судии, 97 слушатели во почетна обука за судии и јавни обвинители. 

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, рече дека со предлог – ребалансот на Буџетот основните средства за обвинителствата се намалуваат за повеќе од еден милион денари, со што се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства, особено со оглед дека намалување на средства се предлага во речиси сите ставки, вклучувајќи ги и парите предвидени за истражни дејствија, а вештачења и анализи, за одржување на возила потребни за увид и слично.  

„Во целиот регион не постои држава која помалку вложува во Обинителството од нашата. Албанија за Обвинителството одвојува 33 милиони евра или 0,45 отсто од вкупниот буџет, Црна Гора 12,6 милиони евра а тоа е 0,36 процентуален удел, Србија 78,8 милиони евра или 0,41 отсто од БДП, Косово 0,52 отсто од БПД, Бугарија издвојува 227,8 милиони евра или 1,80 отсто удел од БДП. Македонија со ребалансот издвојува 0,22 отсто. Значи секаде во регионот уделот на обвинителствата во вкупниот буџет расте, додека кај нас се намалува“, рече Коцевски.

Од Министерството за финансии на брифингот денеска рекоа дека овие споредби не се соодветни, односно дека како основа ги земале вкупните приходи во Буџетот, а доколку од тоа би се тргнале придонесите и други ставки, тогаш, процентуално издвојувањето на средства за обвинителството и за судската вкласт е многу поголемо.

Инаку, апетитите на сите буџетски корисници за зголемување на расходите се огромни. Како што посочи министерката Димитриеска Кочоска, за време на подготвување на ребалансот пристигнале барања за зголемување на расходите од вкупно 42 милијарди денари (или за фантастични 683 милиони евра). За споредба, буџетскиот дефицит е зголемен за 11 милијарди денари ли за 178 милиони евра и ќе достигне 4,9 отсто од проценетиот домашен бруто-производ.