Наместо да ја урне платформата, Беџети удри по Заев


 

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, користејќи го моментот со аферата „Рекет“, реши да удри по премиерот Зоран Заев, како сопствена одбрана за хаосот со дивоградбите на Матка, за кој Антикорупциска комисија побара од надлежните институции кривично да се гони.

Ги собра вчера новинарите во својот „сарај“ за да обзнани дека, наводно, премиерот Зоран Заев вршел притисок врз него да влијае на одредени членови на Судскиот совет за смена на претседател на суд, без да каже за кој претседател и за кој суд станува збор. Заев, како што кажа Беџети, му се јавил на 17 јули и му рекол дека работата треба да биде завршена до септември.

„Јас ова барање на премиерот Заев го одбив. Две недели потоа се јави Државната комисија за спречување на корупцијата со пријава против мене. Ова е корумпирана комисија. Сигурен сум дека ваквите дејства се последица на тоа што го одбив премиерот да им кажувам на одредени членови како да гласаат“, рече Беџети.

На прашањето зошто притисоците од премиерот Заев не ги пријавил во Обвинителството или во МВР, Беџети вели дека заминал на одмор, но дека бил отворен за сите институции. Интересно, за тоа не го информирал ниту шефот Али Ахмети и партиското раководство, ама тоа ќе го направел наредните денови откако веќе цела држава дозна. Очигледно му се брзало прво јавноста да дознае, па потоа Ахмети и институциите.

Објаснувајќи го текот на настаните, градоначалникот рече дека прв кој му се јавил на телефон за поништување на легализацијата на дивоградбите бил премиерот Заев. Како што кажа Беџети, Заев преку неговиот возач му ја пратил целата документација за платформите на Матка. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пак, барал од него да се урне една платформа, а другите две да останат.

„Јас тогаш тој повик од Заев го сфатив како добронамерен за решавање на ова прашање. Втор чуден момент ми беше кога Шилегов ми рече да уривам една платформа и да завршиме со тоа. Па после дојде одлуката на Антикорупциска, која нема ниту еден правен момент и тоа ќе го докажам покренувајќи кривична пријава против претседателката и одредени членови“, рече Беџети.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека тврдењето на Беџети е делумно точно. Според него, не е политички притисок доколку се побара владеење на правото и недозволување на дивеење во кањонот Матка.

„Јас побарав да се сруши платформата што беше започната да се гради годинава, а за која градоначалникот на Сарај тврдеше дека е постоечка и дека се врши реконструкција. Всушност, реакцијата на јавноста, реакцијата на скопјани, беше токму за градењето на таа предметна платформа, а гледам дека се проширува. Поради тоа, го повикав Беџети кај мене во кабинет и од него побарав предметната платформа да биде предмет на рушење. Тој изјави дека и останатите две се дивоградби. Ние немаме никакви ингеренции за дивоградбите, каков е статусот на останатите две платформи во езерото Матка ми е непознат“, рече Шилегов на прес конференција која уследи веднаш по обвинувањата на Беџети.

Околу најавите на Беџети дека ќе распише референдум ако Владата му ги одземе надлежностите за Матка, Шилегов вели дека со кањонот треба да управуваат сите, Општината, Градот и државата.

„За мене ова е евтино политиканство. Матка е природно богатство и природните богатства припаѓаат на сите граѓани. Решението за кое јас се залагам е Градот, Општината и државата да управуваат со кањонот Матка. Законското решение на кое работиме е да биде заштитена и да не зависи ниту од волјата на градоначалникот на Скопје ниту на градоначалникот на Сарај и да биде институционално заштитено како природно богатство. Не можете да ги монополизирате работите. Замислите јас да распишам референдум за реката Вардар или градоначалникот на Гостивар тоа да го направи бидејќи изворот е не неговата територија? Тоа е ресурс што припаѓа на сите“, рече Шилегов.

Антикорупциска комисија пред една недела го затвори случајот „Матка“ и поведе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот Блерим Беџети поради тоа што не одговорил на барањата за легализирање на дивоградби од времен карактер на Матка. Со непостапување по овие барања, оценија од комисијата, тој ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа. Одлуката била донесена по обезбедената документација и извршен увид во Општината, но и во соработка со други надлежни органи и институции, кои извршиле инспекциски надзор во Општината. (Н.К.)