Наместо да биде во изолација, се обидел да се качи на авион за Франкфурт


Фото: Б. Грданоски
Со помош на системот РАВИО на Царинската управа денес бил спречен обид за патување на лице со активно решение за изолација, соопшти вечерва Царината на нејзиниот Фејсбук профил.
Од таму објаснуваат дека на Меѓунаародниот аеродром Скопје од страна на аеродромските служби (Царинска управа, Гранична полиција, ТАВ) во соработка со Државниот здравствен и санитарен инспекторат – ДСЗИ, бил лспречен обид за патување – излез од Северна Македонија на лице инфицирано со КОВИД-19.
„Лицето се пријави за патување за лет бр. W67729 на релација Скопје-Франкфурт во Меѓународниот Аеродром Скопје, во 11:30. М. М. (46), роден во Германија со живеалиште во Кичево“, велат од Царинската управа.
Меѓутоа, патникот бил автоматски селектиран од страна на системот за контрола на патници кој што се вкрстува со Регистарот на EXIM на лица позитивни на КОВИД-19 за кој се одговорни службите од ДСЗИ.
„По добиената нотификација на спомнатиот систем за пријавата за лет на лице позитивно на КОВИД-19 со решение за самоизолација издадено од Државен санитарен и здравствен инспекторат, информирани се надлежните безбедносни аеродромски служби кои во соработка со соодветните здравствени служби го спречија патникот да ја напушти земјата. Лицето е изолирано на место предвидено за вакви случаеви и истиот со возило на Брза помош е ставен во изолација според здравствените протоколи“, велат од Царинската управа.
Притоа, објаснуваат дека системот за автоматско следење и стопирање на лицата кои се обидуваат да излезат преку аеродромите од државата, а кои во случајот имаат решение за изолација се пушти во функција на 05.10.2020.
„Царинската управа со одлука на Владата на РС Македонија, а во соработка со безбедносните и здравствените служби, продолжува со вршење на своите законски обврски во време на пандемијата“, велат од Царинската управа на Фејсбук.