Намалено јавното финансирање за кралот Чарлс III и кралското семејство


Лондон- Јавното финансирање на британскиот крал Чарлс Трети и службените должности на кралското семејство се скратени за следната година поради неочекуван профит од офшор ветерни електрани кои припаѓаат на генералниот кралски имот, соопшти денеска Министерството за финансии.

Од министерството велат дека уделот во профитот од кралскиот имот исплатен на кралското семејство ќе мора да се преполови од 25-те проценти што беа дадени во претходните години на 12 проценти следната година.

Чарлс и кралското семејство добиваат годишен таканаречен „Суверен грант“ од Министерството за финансии, врз основа на дел од профитот од Кралскиот имот, низа земјишни парцели, фарми и други имоти низ ОК.

Кралскиот имот е независна компанија со комерцијални средства во вредност од околу 16 милијарди фунти (речиси 20 милијарди долари) и вклучува некои од најскапите имоти во Лондон.

Кралскиот имот, исто така, управува со бреговите и морското дно околу Британија, а договорот за закуп на крајбрежни ветерни електрани, постигнат оваа година, генерира профит проценет на 1 милијарда фунти (1,3 милијарди долари) годишно.

Чарлс побарал профитот да се користи за „поширока јавно добро“ наместо за финансирање на неговите службени должности, пренесува Бета.

Износот на „Суверен грант“ годинава е 86,3 милиони фунти (109 милиони долари), исто како и минатата година.

Министерството за финансии соопшти дека претстојното намалување на уделот даден на кралското семејство на 12 отсто значи дека буџетот на монархијата ќе остане ист следната година бидејќи нема да ги добие дополнителните 24 милиони фунти (30 милиони долари) што би ги добиле доколку уделот остане непроменет на 25 отсто.

Потоа, во 2025 и 2026 година, буџетот на кралското семејство ќе биде 130 милиони фунти (167 милиони долари), што е помалку отколку ако процентот на удел остане непроменет.

Овие средства ќе се користат за „витални јавни услуги, за доброто на нацијата“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Чарлс е познат по тоа што се залага за „зелена енергија“, но тој зборува и за кризата на трошоците за живот и притисоците со кои се соочуваат милиони негови поданици. Намалувањето на неговиот дел од профитот од договорите на ветерните електрани ќе му помогне да ги ублажи критиките дека кралското семејство не знае како живее британското општество.

Според системот на уставната монархија на Обединетото Кралство, кралевите и кралиците и ги предаваат на Владата добивките од имотите на круната кои не се приватна сопственост на монархот, туку се наследен имот што му припаѓа на суверенот само за време на владеењето. Министерството за финансии обезбедува дел од тој профит во форма на „Суверен грант“ за поддршка на кралските должности.

Чарлс и неговиот син, принцот Вилијам, имаат и приватни приходи од кралските имоти – Војводствата Ланкастер и Корнвол.