Намалена преносливоста на вирусот, но притисокот врз болниците и натаму е голем – хоспитализирани се 1.225 лица


Фото: Б. Грданоски

Анализите на Министерството за здравство покажуваат дека е намалена преносливоста на коронавирусот. Факторот на преносливост R0 (ер нула), е намален од 1,5 на близу 1. Тоа значи дека еден човек при непосреден контакт заразувал 1,5 човек, а сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1, објасни вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот рече дека мерките даваат резултати, но предупреди оти вирусот е непредвидлив и во даден момент може да се влоши клиничката состојба на пациент, па да треба голем број пациенти да се хоспитализираат.

– Тоа значи огромен притисок врз здравствениот систем, изјави Филипче.

Министерот потенцира дека засега не е потребно воведување на полициски час, но од друга страна ја потенцираше важноста за почитување на мерките поради сериозниот притисок на здравствениот систем и брзото исполнување на болничките капацитети, како и недостаток на медицински кадар.

За разлика од пролетта и летото, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија, рече вчера Филипче.

Преносливоста на вирусот е намалена, но притисокот врз болниците е сè уште голем. Според вчерашните информации, во инфективните оддели во Скопје и болниците низ земјава вкупно се хоспитализирани 1.225 пациенти. Во ковид-центрите во болниците низ земјава, пријавено е дека се лекуваат 640 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 152 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 792.

– Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, информираат од Министерството.

Во Скопје во ковид-центрите, претходното деноноќие биле хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 433 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка, соопшти вчера Министерството за здравство.

Од неделата, пациенти сомнителни и потврдени за Ковид-19 се примаат и во ковид центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени 14 пациенти и има уште 11 слободни кревети.

И покрај големиот број на приеми во текот на завчерашниот ден, вчера имало 20-тина слободни места.

Во наредните неколку дена со работа ќе почне и ковид центарот на Клиниката за оториноларингологија.

Во претходното деноноќие биле регистрирани 977 нови случаи на коронавирусот од направени 2.930 тестирања, 843 оздравени пациенти, а починати 31 лице.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 48.613 лица, бројката на оздравени пациенти е 28.646, бројот на активни случаи изнесува 18.591, а на починати 1376.

За дел од смртните случаи Државниот санитарен и здравствен инспекторат иницира стручни надзори. Во тек се надзори за починати пациенти од КОВИД-19 во Тетово, Кавадарци, Битола и Крива Паланка

Последните два месеца од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат до Министерството за здравство, по извршен инспекциски надзор и обезбедена документација, иницирани се четири стручни надзори за пациенти починати од Ковид-19, а во тек се надзори за починатите пациенти од Тетово, Кавадарци, Битола и Крива Паланка, информираа вчера од Министерството за здравство.

– Стручни надзори за пациенти починати од Ковид-19, за последните два месеца од страна на ДСЗИ до МЗ, по извршен инспекциски надзор и обезбедена документација, иницирани се четири надзори за пациент од Свети Николе, два од Струмица и од Ресен. Во тек се инспекциските надзори за починатите пациенти од Тетово, Кавадарци, Битола и Крива Паланка, се вели во соопштението од МЗ.

Од страна на ДСЗИ, во наредниот период ќе бидат извршени надзори за уште четири пациенти починати од Ковид-19.

Во врска со случајот со починатата 41-годишна жена од Штип, штипската болница треба во рок од три дена да го извести ДСЗИ за нејзиното лекување.

ЈЗУ Клиничка болница Штип треба во рок од три дена да го извести Државниот санитарен и здравствен инспекторат од ПО Штип за утврдената фактичка состојба за спроведеното лекување на починатата пациентка од КОВИД-19 и околностите кои довеле до смртен исход.

По завчерашниот вонреден инспекциски надзор од ДСЗИ директорот на ЈЗУ Клиничка болница Штип е задолжен веднаш да се состане Комисијата за следење на квалитет на здравствената установа.

Независно од работата на Комисијата, во текот на вчерашниот ден е инициран стручен надзор над работата на здравствената установа и здравствените работници во врска со третманот на пациентката, до министерот за здравство.