Намален бројот на хоспитализирани пациенти, Филипче очекува новите мерки да дадат уште подобри резултати

Бројот на пациенти кои се примаат во болниците се намалува, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче, кој очекува дека новите рестриктивни мерки што ќе важат до 20 јануари ќе дадат уште подобри резултати, но и дека граѓаните со својата свест и совест треба сериозно да им помогнат на здравствените работници.

На инфективните одделенија и ковид-центрите во болниците, според вчерашната статистика на Министерството за здравство, се лекуваат 1.238 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот – 470 се во Скопје и 768 во болниците во другите градови. Од 470-те хоспитализирани во главниот град, 186 лежат во ковид-центрите на интерните клиники, 144 на Инфективната клиника, 102 во ГОБ „8 Септември“ и 38 во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле.

За едно деноноќие, според податоците од вчера, во ковид-центрите во Скопје биле хоспитализирани 36 пациенти поради компликации од коронавирусот. На интерните клиники биле примени 14, а во ГОБ „8 Септември“ и на Инфективната клиника по 11 нови пациенти. На домашно лекување, пак, биле пуштени 39 оздравени пациенти од скопските болници.

Според информацијата на Министерството за здравство од вчера, има околу 270 празни болнички кревети во ковид-центрите, но тој број, како што напомна, е променлив од час во час зашто во текот на денот има приеми, но и исписи на оздравени пациенти, со што се ослободуваат дополнителни легла.

За две до три недели се очекува да биде изградена модуларна болница – инфективно одделение во Кавадарци. На предлог на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, Фондацијата „Никола Јанчев” донираше милион денари за болницата во Кавадарци кои се наменети за централна кислородна станица во модуларната болница.

Министерството за здравство вчера повика на хуманост од оздравените пациенти кои ги исполнуваат условите, да закажат во Институтот за трансфузиска медицина дарување конвалесцентна плазма која овозможува да се спаси живот.  Повеќе од 400 пациенти со КОВИД-19 досега се третирани со плазма од вкупно  449 дарители – оздравени пациенти, чии антитела се користат за сузбивање на болеста кај друг болен од КОВИД-19.

Институтот обезбедил 502 единици конвалесцентна плазма за третман на заразени пациенти, од кои 399 единици преку стандардно дарување и 103 преку аферезна процедура од вкупно 48 донори.

Владата на Литванија вчера донираше скафандери, заштитни маски и средства за хигиена наменети за справување со епидемијата во нашата земја. Медицинската помош вчера му беше врачена на министерот за надворешни работи Бујар Османи од нерезидентниот амбасадор на Литванија за земјава со седиште во Загреб, Јурате Рагукјене.

Во изминатото деноноќие беа регстрирани нови 815 случаи на КОВИД-19 од направени 2664 тестирања. Починале 20 лица, а оздравеле 396 пациенти.

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата достигна 77.949, оздравени се 53.345, битката со коронавирусот ја загубија 2.274, а активни во моментов се 22.330 лица. Досега се направени 379.229 тестирања на КОВИД-19.