Одисеја на Штраус
За прв пат во историјата на престижниот концерт беше отсвирено дело на жена композитор
Виена- Виенската филхармонија денес го одржа својот традиционален новогодишен концерт, воведувајќи ја 2025 година со порака за мир, убавина и хармонија.
За прв пат во историјата на гала настанот, на престижниот концерт беше прикажано дело на жена композитор. „Валцерот Фердинандус“ на австриската композиторка Констанзе Гајгер беше премиерно прикажан во Златната сала на Музиквераин во Виена, истакнувајќи ја инклузивноста и трајниот дух на културното единство.
Славниот италијански диригент Рикардо Мути (83), кој го води концертот по седми и последен пат, ја истакна улогата на концертот во промовирањето на мирот.
Пред концертот, Мути и претседателот на Виенската филхармонија Даниел Фрошауер се обратија пред светскиот печат.
„Ние музичарите сме само мал дел од светот, за жал. Она што можеме да придонесеме за мирот, убавината и хармонијата е малку, но многу важно. Нам ни треба музика повеќе од кога било, бидејќи таа е лек за душата“, изјави маестро Мути, а го соопшти австрискиот радиодифузер ORF.
Мути ги критикуваше владите за кратење на културните буџети за време на економски падови, нарекувајќи го тоа грешка.
На годинешниот концерт му оддаде почит и на австрискиот композитор Јохан Штраус Втори, прославувајќи ја 200-годишнината од неговото раѓање.
Негувана културна традиција, Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија продолжува да ја плени публиката ширум светот. Годинешниот настап беше емитуван во над 90 земји и региони, според ОРФ, зајакнувајќи ја универзалната порака за мир преку музиката.
За прв пат музичкиот интервал, насловен Одисеја на Штраус, беше во чест на „2001 – Вселенска одисеја“ на Стенли Кјубрик, со вселенски брод кој патува на земјата, а единствениот астронаут беше Томас Штраус, пра-пра-пра внукот на синот на Јохан Штраус.
МРТ на првиот канал, во недела, во 23, 10 ќе емитува реприза од годинешниот виенски Новогодишен концерт.
За прв пат, Виенската филхармонија го покани канадскиот диригент Јаник Незе-Сегуин да го диригира Новогодишниот концерт во 2026 година.
Уметничката соработка помеѓу Јаник Незе-Сегуин и Виенската филхармонија започна на Неделата на Моцарт во Салцбург во 2010 година. Оттогаш, Незе-Сегуин редовно диригира со оркестарот на концерти во Виена и Салцбург, како и на турнеја. Еден посебен белег беше Летниот ноќен концерт 2023 под негова палка.
Претседателот на Виенската филхармонија, Даниел Фрошауер, ја нагласува важната улога на Незе-Сегуин со оркестарот: „Виенската филхармонија ужива блиско и плодно уметничко партнерство со Јаник Незе-Сегуин од 2010 година. Како музички директор на Метрополитен операта во Њујорк , како и главен диригент на истакнати меѓународни ансамбли како што се на Оркестарот на Филаделфија, тој е пример за жанровите кои заедно го сочинуваат музичкиот јазик на Виенската филхармонија“.