“Налепница” со Сашко Коцев поблиску до Оскарот


 “Налепница” на Георги Унковски е избран за најдобар краток филм на 18. издание на Меѓународниот фестивал за краток филм “Ин д палас”. Софискиот “Ин д палас” е меѓународен фестивал за краток филм којшто е еден од официјалните светски фестивали кои ги квалификуваат победниците за  натамошна можност за номинација за Оскар. Победникот на овој фестивал за игран краток филм “Налепница”, после овој успех влегува во конкуренција за номинација на Оскар.

“Налепница” е поддржан од Агенција за филм на С. Македонија и претставува дел од реформираниот нов бран кој докажува дека македонскиот филм може. Не е случајно: три години по ред македонскиот филм успева на реномираниот Санденс, два пати се квалификува за Оскар.

Се работи за црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола тргнува на пат и запаѓа во серија проблеми. Филмот се снимаше 6 дена на повеќе локации во Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во филмот настапуваат и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска и Димитрија Доксевски.

Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата ја изработи Кирил Спасевски, костимите Розa Трајческа, а маската и шминката за главниот лик – Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска.