НАкС: Само ректорите ќе се „офајдат“ од новиот Закон за високо образование


Фото: Б. Богдановска

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека со загриженост ги следи најавите за измена и дополнување на Законот за високото образование од 2018-та кој, како што наведува, беше донесен со широк консензус и неговата содржина беше предмет на длабоки консултации со сите чинители.

Иако неговата имплементација во одредени сегменти тече бавно, телата со клучни ингеренции се формираа со повеќегодишно задоцнување и не профункционираа според замислениот капацитет, а  има и многу други недостатоци, сепак, смета НАкС, актуелниот закон „може да се пофали со обидот да се демократизира заробеното високо образование, од реформација на универзитетските студентски собранија до изборот на ректорите на непосредни избори, каде секој член на наставно-научните и на наставноуметничките совети добива право на глас“.

– Деновиве од кулоарите на различните тела и преку медиумите добиваме штури информации за процеси и наводни предлози со кои се засегнати некои од клучните придобивки на сегашниот ЗВО. Во кулоарите на Интеруниверзитетската конференција, единственото тело за коешто дознаваме дека е вклучено во процесот, се чини дека токму овие процеси за демократизација се предмет на измени. А тоа како дошло до овие предлози без консултации во високообразовните установи коишто ректорите ги претставуваат во Интеруниверзитетската конференција е прашање со кое сериозно треба да се позанимаваат сенатите на универзитетите како надлежни органи на управување, пишува во реакцијата на НАкС.

Во „протечените документи“, додава Синдикатот,  „главна преокупација на измените е како
мандатите на деканите и ректорите да се зголемат од три на четири години, како нивните управи да ги преземат ингеренциите на наставно-научните совети и универзитетскиот сенат, како спроведувањето на постапката за нивниот избор да се врати во мала и ’избрана’ група“.

-Додека за наставниците и научниците се планираат „само“ никогаш неразбраните импакт фактори како „магла“ која треба да ги подисплаши и дополнително покори. Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири, кој го најавува донесувањето на измените на Законот до крајот на годината, експресно го одби нашето барање за средба во која би се запознале со целите на измените, со образложение дека синдикатите ќе бидат консултирани кога ќе се отвори јавна расправа. Овој чекор само ја потврдува затвореноста на процесот и укажува дека законските измени се подготвуваат без сите чинители. Сето ова нè потсетува на едни минати и мрачни времиња, кога законски измени беа туркани низ Собранието со фуриозно темпо и без суштинска расправа, во крајно нетранспарентни процеси, и тоа во интерес на многу мала група на луѓе, наведува Синдикатот.

Затоа од МОН бара итно запирање на ваквиот процес, а негово отпочнување само по сеопфатна
анализа на постојниот Закон за високото образование и со вклучување на сите засегнати страни.

-Само на тој начин МОН и Владата ќе покажат дека не ги повторуваат грешките од минатото.
Да ве потсетиме на општествените промени кои започнаа во 2014-та година – нема да дозволиме
да се руши она за кое сме се избориле. Нема да дозволиме мала група на луѓе од позиција на моќ
да одлучуваат за закон кој ја засега целата академска заедница, порача  Независниот академски синдикат во реакцијата.